Папата: Со нова евангелизација да се решаваат проблемите на Сицилија

Папата: Со нова евангелизација да се решаваат проблемите на Сицилија

Наспроти големото страдање црковната заедница е жива и пророчка, и бара нови начини како да навестува и да го нуди милосрдието.

Папата Фрањо одлучи да го посети народот на Сицилија започнувајќи од бискупијата Пјаца Армерина. Утрото на 15 септември пристигна на осторовот слетувајќи на спортскиот терен „Свети Хиполит“ во градот Пјаца Армерина каде го пречекаа епископот Росарио Гисана и претставници на граѓанските власти.

Наспроти големото страдање црковната заедница е жива и пророчка, и бара нови начини како да навестува и да го нуди милосрдието – истакна папата Фрањо во својот говор на средбата со верниците кои ги охрабри поттикнувајќи ги на надеж и покрај бројните проблеми кои ги погодуваат. Тоа се социјалната и културната неразвиеност, искористувањето на работниците, недостатокот на достоинствено вработување за младите, иселувањето на цели семејства, лихварството, алхоколизмот и другите зависности како што се коцката и игрите на среќа.

Ве охрабрувам на Сицилија да се заземете за нова евангелизација започнувајќи токму од своите крстови и страдања – рече Светиот Отец и продолжи: После два века од вашите бискупии, вашето послание е да го оживеете лицето на синодалната Црква, Црква на мисионерската љубов и Црквата како евхаристиска заедница. Милосрдна Црква, сѐ повеќе верна на Евангелието и отворена за оние кои се чувствуваат телесно и духовно поразени или се отфрлени на работ на општеството.

Папата Фрањо потсети на улогата на мисионерската љубов на Црквата која треба да биде делотворна негувајќи ги евангелските чувства кон луѓето кои ги мачи многу зло. Свештениците, ѓаконите, богопосветените лица и верниците лаици се повикани затоа да го чувствуваат евангелското сочувство и да станат апостоли на милосрдието. За да напредувате во тоа потребно е да го читате Евангелието секој ден, дел по дел, за тоа е потребно пет минути. Добро е да носите џебно издание со себе за тоа капка по капка да влегува во срцето и да ни помогне да бидеме сѐ повеќе Исусови ученици кои ќе можат да помогнат во решавањето на сите прашања на Црквата и општеството.

Повикувајќи на црковно служење кое се покажува во конкретните дела, Папата предупреди дека христијанската љубов не смее да се претвори во филантропија. Затоа е потребно да се поттикнуваат „учениците“ и целата заедница да се занимаваат со причините на неволјата. Да се посвети внимание на младите и на нивните проблеми, исто така е димензија на мисионерската љубов – истакна Папата и ги повика младите да бидат радосни градители на својата судбина: Исус ве љуби, Он е искрен и верен пријател кој никогаш нема да ве остави; имајте доверба во Него.

Од Евхаристијата ја црпиме Христовата љубов за да можеме да ја носиме на улиците и заедно со Него да ги среќаваме браќата – ги потсети Светиот Отец на свештениците и им нагласи дека не смеат да бидат оптеретени со бројот на учесниците на светата Литургија. Ве поттикнувам да го живеете блаженството на маленкоста да бидете како пченично зрно, мало стадо, квасец, фитил што тлее, зрно сол. Колку пати сум слушнал – рече Папата – Не одам на света Литургија затоа што проповедта е досадна и трае 40 минути. Не, 40 минути мора да трае светата Литургија (…).

Евхаристијата и служителското свештенство се неразделиви – истакна папата Фрањо и ги повика свештениците да се обединат околу епископот. Присетувајќи се на свештеникот маченик Пино Пуглиси кој пред своето убиство поминал неколку денови во таа бискупија и истакнувајќи го неговиот пример, Папата ги поттикна присутните заради љубов кон Исус да им служат на браќата сѐ до крај.

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот