Поттикот на Папата да се зазема за свет во кој основните добра се достапни за сите луѓе доаѓа од неговиот профил на платформата X по повод Меѓународниот ден на Обединетите нации за искоренување на сиромаштвото. На секои две секунди се раѓа дете во светот осудено да страда поради глад. Се проценува дека во 2030 година, 128,5 милиони деца ќе бидат погодени од хронична неухранетост
Ве молам, да не ги заборавиме сиромашните. Сонуваме за свет во кој водата, лебот, работата, лековите, земјата и домувањето се добра достапни за секој човек – е апелот на папата Фрањо (превземено од неговата порака до учесниците на иницијативата Coldiretti Village, во октомври 2023 година) , која стои во пораката на профилот на социјалните мрежи @Pontifex на мрежата Х, објавена на 17 октомври, по повод Меѓународниот ден против сиромаштвото, кој беше востановен во 1992 година од Генералното собрание на Обединетите нации.
Зголемување на неухранетоста кај децата
Апелот на Папата станува се посилен поради податоците и статистиките кои ја покажуваат драматичната ситуација на планетата, каде на секои две секунди се раѓа дете кое е осудено да страда поради глад. Според податоците на Save the Children, организација која повеќе од 100 години се бори да ги спаси девојчињата и момчињата од опасности и да ја гарантира нивната иднина, меѓу 2020 и 2022 година, во 19-те земји најпогодени од хуманитарни кризи, акутната неухранетост кај децата се зголемила за 20% и од 23 милиони во 2020 година (пред пандемијата) се зголеми на 27,7 милиони во 2022 година.
Ширењето на вооружените конфликти и фактот дека тие траат сé подолго – само ако ги земеме во предвид оние на Блискиот Исток, Украина и Судан – и екстремните метеоролошки настани, кои стануваат се поинтензивни и почести, имаат катастрофални последици врз животите на многумина народи, а дополнително би можело да го зголеми нивото на несигурност и неухранетост кај децата. Во поглед на тековните трендови, се проценува дека во 2030 година, 128,5 милиони деца (19,5%) ќе бидат погодени од хронична неухранетост, приближно половина од нив во Западна и Централна Африка.
Војните и климата се главните причини за глад
Новиот извештај на гореспоменатата организација посочува дека конфликтите се главните причини за несигурност за прехраната за приближно 135 милиони луѓе во 20 земји во светот. Само во Газа, каде што е забележана најголема стапка на неухранетост на глобално ниво, погодена е речиси целата детска популација, односно 1,1 милион деца.
Климатската криза е исто така меѓу главните причини за неухранетост. Се проценува дека екстремните временски услови е главната причина за високите нивоа на несигурност во прехраната за 72 милиони луѓе во 18 земји, вклучувајќи 33 милиони деца. Тој број е повеќе од двојно зголемен од 2018 година, кога временските услови беа главната причина за глад кај 29 милиони луѓе, вклучително и 13 милиони деца.
Поттик на генералниот секретар на Обединетите нации
Елиминирањето на глобалното сиромаштво – забележува Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации – бара од владите повторно да воспостават институции и системи кои им даваат приоритет на луѓето. Од нив се бара да инвестираат во пристојна работа, во можности за учење и во социјална заштита, за да создадат можности за излез од сиромаштвото.
Ватикан њуз/к.мк