Папата пред Безгрешната Дева Марија: „Со тебе научив да бидам пастир во Чиклајо, ти ја доверувам мојата служба“
На четвртиот ден од апостолското патување во Перу, на 14 ноември, папата Лав XIV во катедралата „Света Марија“ во Чиклајо ја круниса статуата на Безгрешната Дева Марија и ѝ ги довери својот живот и својата служба, на истото место каде што во 2015 година ја започна својата епископска служба во Чиклајо.
„Со тебе научив да бидам пастир во Чиклајо… На твоето Безгрешно Срце денес ти ги доверувам мојот живот и мојата служба како наследник на Петар.“
Со овие зборови папата Лав XIV ѝ се обрати на Безгрешната Дева Марија во катедралата „Света Марија“ во Чиклајо. Пред нејзиниот лик беше поставена златна круна, која Папата ја положи на главата на Богородица на крајот од обредот на крунисувањето.
Папата ја повика Богородица да го заштитува народот собран пред катедралата, храмот кој, како што потсети, бил сведок на првите чекори од неговата епископска служба во Чиклајо.
Обредот на крунисување на Безгрешната Дева Марија има посебно значење, нагласи папата Лав XIV.
„Круната што ќе ја положам на главата на Богородица е знак на благодарност и синовска љубов што Папата, заедно со вас и со целата Црква, ѝ ја принесува, признавајќи ја како грижлива Мајка и заштитничка на Чиклајо, која Бог ја возвишил како Царица на небото и земјата.“
Првите чекори како епископ на Чиклајо
За жителите на Чиклајо настанот имаше особено духовно значење. Во оваа област, во која големо мнозинство од населението се изјаснува како католичко, тогашниот епископ Роберт Превост осум години служеше како пастир и придонесуваше за зацврстување на верата на локалната Црква.
Папата потсети дека тој пат го изоделе заедно.
„Со срце исполнето со радост Му благодарам на Бога што денес сум овде со вас и што заедно ја славиме нашата вера, како што тоа многупати го правевме во оваа катедрала, која беше сведок на првите чекори од мојата епископска служба во служба на оваа Црква во Чиклајо.“
Наспроти темнината на насилството, Христос е светлината
Папата зборуваше и за темнината која и денес се обидува да го обвие човечкиот живот. Луѓето се чувствуваат загрозени од несигурноста што ја создава распространетото насилство и од неискажливото страдање што продолжува да погодува многу наши браќа и сестри.
Среде таа темнина, која честопати ја засенува надежта и ја слабее довербата, Божјиот дар продолжува да свети пред нашите очи. Исус Христос е Божјиот одговор на човештвото кое живее среде темнина, а сепак копнее по единство и помирување.
„Само Тој е светлината што ги осветлува и најскриените места на човечкото постоење, единствената светлина способна да нè спаси од гревот и да ги преобрази неговите страшни последици во нашиот личен и заеднички живот.“
Да чекориме заедно како едно семејство
Побожноста кон Безгрешната Дева Марија е дел од христијанските корени што го обликуваат идентитетот на народот во Чиклајо и ја зацврстуваат неговата вера, рече Папата.
Пресвета Богородица со мајчинска грижа и љубов го придружувала овој народ низ генерациите и продолжува да го придружува и денес.
Затоа папата Лав XIV ги охрабри сите да продолжат да чекорат заедно како едно Божјо семејство, семејство кое копнее по свет обележан со љубов и сочувство, простување и стремеж кон правда.
Тој нагласи дека Пресвета Богородица секогаш го покажува сигурниот пат што води кон Исус, изворот на животот и вистината, Кој непрестајно му нуди на човекот можност за нов почеток.
Нека Безгрешната Дева Марија ме придружува на мојот пат и нека ве заштитува сите
На крајот папата Лав XIV со синовска љубов директно ѝ се обрати на Безгрешната Дева Марија.
Ја замоли да продолжи да го придружува на неговиот пат, како што го придружувала и во годините на неговата епископска служба во Чиклајо, кога заедно со својот народ ги посетувал градовите и селата и учел внимателно да ги препознава нивните потреби, по примерот на Марија на свадбата во Кана.
„На твоето Безгрешно Срце денес ти ги доверувам мојот живот и мојата служба како наследник на Петар.“
Потоа ѝ ја довери и локалната Црква.
„Те молам да се грижиш за Божјиот народ кој чекори како ходочесник по овие краишта, да го заштитуваш и секогаш да го водиш кон твојот Син, Исус Христос.“
Ватикан њуз/к.мк

