Потсетувајќи на Светскиот ден на слободата на печатот, кој се одбележува на 3 мај, папата Лав XIV потсети на бројните новинари и репортери што станале жртви на војни и насилство.
По молитвата „Царице небесна“, папата Лав XIV потсети дека на 3 мај се одбележува Светскиот ден на слободата на печатот, кој го промовира УНЕСКО, Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура.
Папата забележа дека, за жал, слободата на печатот често се нарушува, понекогаш очигледно, а понекогаш на суптилни начини. „Да се потсетиме на бројните новинари и репортери што станаа жртви на војни и насилство“, рече тој.
УНЕСКО посочува дека слободата на печатот и независното новинарство, преку поттикнување пристап до сигурни информации, отчетност, дијалог и доверба, можат да дадат важен придонес за мирот, економското закрепнување, одржливиот развој и човековите права.
Во својот Извештај за светските трендови 2022–2025, организацијата предупредува дека слободата на печатот го бележи најголемиот пад од 2012 година, споредлив со падовите забележани во најнестабилните периоди од 20 век, за време на двете светски војни и Студената војна. УНЕСКО дополнително предупредува дека манипулацијата со информации и употребата на вештачка интелигенција од злонамерни актери ја загрозуваат довербата и националната безбедност.
Организацијата истакнува дека овие предизвици можат да се надминат, а Светскиот ден на слободата на печатот 2026 година претставува важен момент за повторно потврдување на значењето на слободата на печатот.
Конференцијата по повод Светскиот ден на слободата на печатот ќе се одржи во понеделник, 4 мај, во Лусака, Замбија, на тема „Обликување на иднината на мирот“, со повеќе настани, меѓу кои и онлајн-содржини.
Светскиот ден на слободата на печатот е можност за одбележување на основните принципи на слободата на печатот, процена на состојбата на слободата на медиумите во светот, одбрана на независноста на медиумите и оддавање почит на новинарите што ги загубиле своите животи при вршење на должноста.
УНЕСКО е специјализирана агенција посветена на зајакнување на меѓународната соработка во областите на образованието, науката, културата и информациите.
Поздрав до италијанското здружение „Метер“
Папата Лав ги поздрави и различните групи присутни на плоштадот „Свети Петар“ за неделниот благослов, меѓу кои и претставниците на италијанското здружение „Метер“.
Ова здружение повеќе од триесет години работи на заштита на малолетниците од злоупотреба, како и на вклучување на Црквата и граѓанското општество во едукација, помош на жртвите и превентивни активности. Папата им се заблагодари за нивната работа.
Ватикан њуз/к.мк

