На Вечерната молитва во катедралата Нотр Дам де Квебек, во четврток, 28 јули, папата Фрањо ги повика бискупите, свештениците, ѓаконите, лицата со посветен живот, семинаристите и пасторалните работници да сведочат со своите животи, да го промовираат братството и да се соочат со секуларизација со „пастароланата креативност“.
Средбата во катедралата Нотр Дам де Квебек е значајна, истакна Папата, бидејќи нејзиниот прв бискуп Свети Франсоа де Лавал, го посветил својот живот на формирање свештеници. Обраќајќи им се конкретно на бискупите, свештениците, ѓаконите, лицата со посветен живот, семинаристите и пасторалните работници, папата Фрањо се осврна на три предизвици за обликување на молитвата и пасторалното служење: да се направи Исус познат, да се сведочи и да се живее братство.
Негативен или осудувачки поглед
Како што истакна Светиот Отец, радоста на служењето и радоста на верата е во сознанието дека Господ е блиску до нас, дека прв нè засака, дека нè следи во сите денови на нашиот живот. Поканувајќи ги присутните да се запрашаат дали Црквата ја изразува евангелската радост, Папата објасни дека е потребно да се види што е она во денешниот свет што ја загрозува радоста на верата, ризиците за намалување на верата и ги компромитира животите на христијаните. Можеме веднаш да помислиме на секуларизмот, рече Папата.
Но, кога ќе ја земеме предвид култура која е наоколу и нејзината разновидност на јазици и симболи, мора да внимаваме да не станеме жртви на песимизам или огорченост, веднаш преминувајќи на негативни судови или суетна носталгија, предупреди Петровиот наследник. Имено, како што рече Папата, постојат два можни погледи кои можеме да ги имаме кон светот во кој живееме. Едниот го нарече „негативен“ став, другиот „пребирлив“.
Опасноста од „крстоноснен дух“
Негативното гледиште, објасни Светиот Отец, често се раѓа од вера која се чувствува нападната и која се смета за еден вид „оклоп“ која заштитува од светот. Тука постои ризик за „облекување во „крстоноснен дух““, рече Папата, кој не е христијански. Бог, иако не ја сака световноста, има позитивен поглед на светот. Го благословува нашиот живот, добро зборува за нас и за нашата ситуација, се воплотува во историските ситуации, не за да осудува, туку да овозможи семето на Царството да расте во оние места каде што изгледа дека победува темнината. Ако се ограничиме на негативно гледиште, на крајот ќе го негираме воплотувањето: ќе бегаме од реалноста, наместо да ја воплотувамево нас, нагласи Папата.
Напротив, повикани сме да имаме поглед сличен на Божјиот, кој распознава што е добро и упорно го бара, гледа и негува. Тоа не е наивно гледиште, туку гледиште што ја распознава реалноста.
Секуларизација и секуларизам
Папата потоа се осврна на свети Павле VI, кој направи разлика помеѓу секуларизмот и секуларизацијата. Тој го толкуваше последното како „суштински оправдан и правилен напор, кој едноставно не е неспоив со верата односно религијата, во созданијата, во секое нешто или настан, закони со кои се уредуваат со одредена независност, да се открие дека овие закони ги постави самиот Создател“ (Evangelii Nuntiandi, 55). Како што рече папата Фрањо: „Бог не сака да бидеме робови, туку синови и ќерки; Тој не сака да носи одлуки наместо нас, ниту да нè угнетува со светата моќ што се применува во свет со кој управуваат верски закони. Не! Нѐ создаде слободни и бара од нас да бидеме зрели и одговорни личности во животот и општеството“.
Од друга страна, секуларизмот е концепт на живот кој целосно ја одвојува врската со Создателот. Бог на тој начин станува „сувишен и само пречи“. Од ова произлегуваат „нови форми на атеизам“; „Потрошувачка цивилизација, хедонизам издигнат до највисоко ниво, стремеж кон моќ и владеење, секаков вид дискриминација“ (исто).
Форма и начин на претставување на верата
Како Црква, треба тоа да го распознаваме. Ако се препуштиме на негативното гледиште и ги проценуваме работите површно, истакна папата Фрањо, ризикуваме да испратиме погрешна порака, како нашата критика на секуларизацијата да крие носталгија за сакрализиран свет, за минатото општество во кое Црквата и нејзините проповедници имале поголема моќ и општествена релевантност. Тоа е погрешен начин да се гледаат работите, додаде тој.
Напротив, секуларизацијата бара од нас да размислуваме за промените во општеството кои влијаеле на начинот на кој луѓето размислуваат и го организираат својот живот, рече папата Фрањо.
„Ако го земеме предвид тој аспект на прашањето, доаѓаме до сознание дека она што е во криза не е верата, туку некои од облиците и начините на кои ја претставуваме“, објасни Светиот Отец.
Три предизвици
Пребирливиот поглед, истакна тој, поттикнува развој на нова страст за евангелизација, потрага по нови јазици и форми на изразување, промена на одредени пасторални приоритети и фокусирање на она што е важно. Радоста на верата се пренесува со навестувањето на Евангелието, кое не е првенствено прашање на зборови, туку сведоштво кое изобилува со бесплатна љубов, бидејќи така Бог постапува со нас. Во духот на братството, Папата потоа предложи „три предизвици“ кои можат да ја обликуваат нивната молитва и пасторалната служба.
Да се направи познат Исус
Првиот предизвик е да се направи познат Исус, а Папата ја нагласи неопходноста од враќање на првобитното навестување. Мораме, како што рече, да најдеме нови начини да се навести срцето на Евангелието на оние кои сè уште не го сретнале Христа. За ова е потребна пасторална креативност која може да допре до луѓето каде што живеат, изнаоѓање можности за слушање, дијалог и средба. Мора да се вратиме на едноставноста и ентузијазмот на Делата на апостолите, на убавината на спознанието дека денес сме орудија на плодноста на Духот.
Цврста акција и посветеност
За да се проповеда Евангелието, неопходно е да се биде веродостоен. Затоа, сведочењето е вториот предизвик што го истакна Папата. Како што рече, Црквата во Канада тргна по нов пат откако беше повредена и разорена од злото што го направија некои нејзини синови и ќерки.
„Заедно со вас сакам уште еднаш да ги замолам сите жртви за прошка. Болката и срамот што ги чувствуваме мора да станат можност за преобраќање: никогаш повеќе!“, рече Светиот Отец.
Папата го истакна и процесот на исцелување и помирување со домородните браќа и сестри: „Христијанската заедница никогаш повеќе не смее да дозволи да биде заразена со идејата дека една култура е супериорна во однос на другите, или дека е легитимно да се користат методи на принуда врз другите“. Затоа тој повика на враќање на ревноста на првиот бискуп, свети Франсоа де Лавал. За да се надмине оваа култура на исклучување, додаде тој, потребно е да почнеме од самите себе: пастирите да не се чувствуваат надмоќни над браќата и сестрите на Божјиот народ; посветените лица да живеат во братство и слобода во послушност кон заедницата; семинаристите исто така да бидат послушни и да помагаат и пасторалните работници да не ја сфаќаат нивната служба како моќ.
Братство
На крајот, Црквата веродостојно го сведочи Евангелието дотолку што нејзините членови ја воплотуваат заедницата. Преку слушање, дијалог и квалитетни односи, христијанската заедница на тој начин станува школа на човештвото, каде сите можат да научат да се љубат како браќа и сестри, подготвени да работат заедно за општото добро. Навистина, во центарот на проповедањето на Евангелието е Божјата љубов, која нè преобразува и прави способни за заедништво со секого и да служиме на сите, додаде Папата. Папата Фрањо на крајот потсети дека со предизвиците можеме да се соочиме само со силата на Духот, кој секогаш треба да се повикува во молитвата. Своето обраќање го заврши со заедничка молитва до Свети Франсоа де Лавал.
Ватикан њуз/к.мк