Папата: Планот на Трамп за Газа е реален, да се надеваме дека Хамас ќе го прифати

Папата: Планот на Трамп за Газа е реален, да се надеваме дека Хамас ќе го прифати

Мировниот план за Газа, движењето на флотилата и избегнувањето на насилство, подготовките на САД за војна, судскиот процес околу управувањето со средствата на Светиот Престол, како и контроверзите околу кардиналот Купич, беа некои од темите што Папата ги допре во разговор со новинарите во Кастел Гандолфо пред враќањето во Ватикан.

Синоќа, на 30 септември 2025 година, Папата Лав XIV повторно одговараше на прашања на новинарите во Кастел Гандолфо, каде што пристигна во понеделник, 29 септември. Тој го коментираше планот од дваесет точки за мир во Газа, презентиран во Белата куќа од американскиот претседател Доналд Трамп со согласност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Папата истакна дека засега изгледа како реалистичен предлог и изрази надеж дека Хамас ќе го прифати во договорениот рок.

Почит кон луѓето

Во врска со напнатата ситуација со флотилата што се приближува кон Газа за да достави хуманитарна помош, Папата нагласи дека состојбата е сериозна, бидејќи постои искрена желба да се одговори на вистинска хуманитарна криза. Тој додаде дека се надева дека нема да има насилство и дека ќе биде почитувано човечкото достоинство.

Мора да работиме за мир

Светиот Отец се осврна и на состанокот што го свика американскиот министер за одбрана Пит Хегсет со сите генерали во состојба на воена готовност, подготвени дури и за употреба на нуклеарно оружје. „Ваквиот начин на говор е загрижувачки,“ забележа тој, „бидејќи покажува дека тензиите секојпат растат.“ Во врска со одлуката на претседателот Трамп да го промени името на Министерството за одбрана во Министерство за војна, римскиот епископ изрази надеж дека тоа е само стил на изразување, иако сепак укажува на начин на владеење што се потпира на сила и притисок. „Се надеваме дека ќе успеат во својата намера, но тоа да не доведе до војна, бидејќи секогаш мора да работиме за мир,“ додаде тој.

Нема мешање во судскиот процес на Ватикан

Одговарајќи на прашање за актуелниот судски спор во Ватикан за управувањето со финансиските ресурси на Светиот Престол, Петровиот наследник не даде детално објаснување, но истакна дека судењето мора да продолжи и дека нема намера да се вмешува, оставајќи на судиите и адвокатите да донесат заклучок.

Погледнете го учењето на Црквата

Потоа Папата одговори на англиски јазик на прашањето за наградата што кардиналот Блез Купич, надбискуп на Чикаго, му ја додели на сенаторот Дик Дарбин, демократ кој поддржува абортус. „Не сум добро информиран за конкретниот случај,“ рече тој. „Мислам дека е многу важно да се разгледа целокупната работа што ја извршил сенаторот за време на својата, ако не се лажам, четириесетгодишна служба во Сенатот на САД.“ Римскиот епископ додаде дека ги разбира тешкотиите и тензиите, но нагласи дека е важно да се земат предвид многу прашања во светлина на учењето на Црквата.

Тој потсети дека не е вистинска посветеност на животот ако велиме дека сме против абортусот, а истовремено ја поддржуваме смртната казна или се согласуваме со нехуманиот третман на мигрантите во САД.

„Ова се многу сложени прашања,“ продолжи Папата. „Никој нема целосна вистина за нив, но пред сè би побарал поголемо меѓусебно почитување и обид да ги разгледаме заедно, како човечки битија – во овој случај како американски граѓани или граѓани на државата Илиноис – и како католици, за да речеме: ‘Навистина треба внимателно да ги проучиме сите овие етички прашања и да го пронајдеме патот по кој ќе одиме како Црква’.“

„Учењето на Црквата за секое од овие прашања е јасно,“ заклучи Папата Лав XIV, кој околу 20:30 часот се врати во Ватикан.

Ватикан њуз/к.мк

https://www.vaticannews.va/hr/papa/news/2025-10/papa-lav-xiv-castel-gandolfo-gaza-mir-trump-sad.html

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот