Папата на Латеранскиот Универзитет: Во свет загрозен од културна празнина, мора да се едуцира за мир
Папата Лав XIV ја отвори академската година на Папскиот универзитет, нагласувајќи дека во време кога мислиме дека истражувањето и студирањето не се корисни во реалниот живот, или дека пастирската пракса е поважна во Црквата од теолошкото, библиското или правното знаење, можеме да западнеме во баналност, површност и ригидност. Тој повика на формирање компетентни мирјани и свештеници кои ќе бидат градители на свет на солидарност и братство.
Папата Лав XIV во петок, 14 ноември 2025 година, ја отвори академската 2025/2026 година за време на посетата на Латеранскиот универзитет во присуство на кардиналот Балдасаре Реина, генерален викар на Папата за Римската бискупија и голем канцелар на универзитетот, кој ја носи титулата Папски универзитет од своето основање во 1773 година токму поради неговата длабока поврзаност со Римскиот епископ.
Составена од 130 предавачи, 34 државни службеници и канцелариски работници и повеќе од илјада студенти, академската заедница е посветена на интердисциплинарноста и трансдисциплинарноста. Иако самата ги чувствува последиците од демографскиот пад, кризата на духовните звања, а со тоа и економската криза, сепак се стреми да оди по неистражени патишта во областите на истражувањето и дидактиката, секогаш со грижа и целосна верност кон учењето на Петар – нагласи кардиналот Реина во својот воведен поздрав откако универзитетскиот хор ја отпеа химната „Veni Creator“ пред собраната заедница .
Светиот Отец ја истакна посебната мисија на Папскиот Латерански универзитет, истакнувајќи дека тој нема харизма на основач што треба да се зачува, продлабочи и развие, туку дека неговата единственост лежи токму во учењето на Папата. Тоа е широка и разновидна реалност што вклучува четири факултети (теологија, филозофија, канонско право и граѓанско право), два института со седиште во самиот универзитет и три институти ad instar facultatis со седиште надвор од универзитетот, имено Папскиот патристички институт Августинјанум, предводен од августинците и од кој Превостот беше генерален модератор дванаесет години; потоа Папската академија Алфонсијана за проучување на моралната теологија, предводена од монасите Редемптористи; и Папскиот институт Кларетијанум за проучување на теологијата на посветениот живот, предводен од Кларетинците. Во Европа, Азија и Америка, постојат и 28 институти со различни титули поврзани со Латеранскиот универзитет.
Студирајте теологија за да ги промените трагедиите и сиромаштвото на денешницата
Петровиот наследник размислуваше за начинот на кој треба да се поттикне размислувањето за верското наследство во услови на сложеност на нашето време и нагласи:
Денес, итно треба да размислиме за верата за да ја вклопиме во културните рамки и современите предизвици, но и да се соочиме со ризикот од културен вакуум кој е сè пораспространет во наше време. Теолошкиот факултет е особено повикан да размислува за наследството на верата и да ја демонстрира нејзината убавина и кредибилитет во различни современи контексти, со цел да ја претстави како вистинско решение за човекот способно да ги преобрази животите на поединци и општеството, да поттикне пророчки промени во однос на трагедиите и сиромаштвото на нашето време и да го поттикне потрагата по Бога.
Римскиот епископ, исто така, ја охрабри заедницата темелно да ги проучува административните процеси што се голем предизвик за Црквата и ја нагласи важноста од проучувањето на филозофијата со оглед на современото размислување во кое сè повеќе преовладуваат формите на рационалност поврзани со трансхуманизмот и постхуманизмот.
Академско образование за надминување на самореференцијалноста
Светиот Отец ја изрази својата желба мировните студии и студиите за екологијата и животната средина, основани од неговиот претходник папата Фрањо, во иднина да добијат сè појасен институционален идентитет со цел да формираат градители на мирот и правдата кои ќе го градат и ќе сведочат за Божјото Царство. Затоа, тие треба да продолжат да се зајакнуваат на интердисциплинарно и трансдисциплинарно ниво и, доколку е потребно, да се надополнуваат со други студии. Целта на овие развојни насоки е да се надмине самореференцијалноста, а академското образование помага во тоа, нагласи Римскиот епископ, продолжувајќи:
Ве молам, спротивно на она што енцикликата „Fratelli tutti“ го дефинира како вирус на радикален индивидуализам, да го поттикнете реципроцитетот преку односи обележани со бесплатност и преку искуства што го промовираат братството и средбата на различни култури. Папскиот Латерански универзитет, со своите студенти, предавачи и персонал од сите пет континенти, претставува микрокосмос на универзалната Црква. Затоа, бидете пророчки знак на заедништво и братство.
Потребно е да се инвестира во формација на компетентни мирјани и свештеници
Папата Лав XIV е свесен дека академската служба честопати не добива признание што го заслужува, честопати поради длабоко вкоренети предрасуди кои за жал се присутни и во црковната заедница. Постои тенденција да се верува дека постои јаз помеѓу истражувањето или студирањето и реалниот живот, како и помеѓу пастирската пракса, која некои ја сметаат за покорисна од теолошката, библиската или правната обука – рече Папата, додавајќи:
Постои ризик од подлегнување на искушението да се поедностават сложените прашања со цел да се избегне напорот за размислување, како и опасноста од запаѓање во баналност, површност или ригидност во пасторалното делување и неговите изрази. Напротив, научните истражувања и напорот што го вложуваме во нив се неопходни. Потребни ни се подготвени и компетентни мирјани и свештеници. Затоа, ве повикувам да не ги намалувате критериумите на науката, туку да продолжите ревносно да ја барате вистината и цврсто да се поврзувате со другите научни дисциплини и со реалноста, како и со проблемите и тешкотиите на општеството.
Да формираме градителите на еден нов, солидарен и братски свет
Затоа, Петровиот нследник повика на дијалог со светот и општеството, за прашањата и предизвиците на денешницата, и ја изрази својата желба за формирање добро подготвени професори и мотивирани и студенти ентузијасти, вклучени во академска работа која никогаш не се затвора сама во себе, туку секогаш се поврзува со други студиски центри. Притоа, додаде:
Имено, целта на образовниот и академскиот процес мора да биде формирање на поединци кои, во логиката на бесплатноста и ревноста за вистината и правдата, можат да бидат градители на еден нов, солидарен и братски свет. Универзитетот може и мора да ја шири оваа култура, станувајќи знак и израз на тој нов свет и потрагата по општото добро.
Ватикан њуз/к.мк

