Папата Лав XIV ја повика Црквата на Канарските Острови да остане обединета во верата преку прифаќање на Крстот, продлабочување на евхаристискиот живот и служење на најранливите со солидарност и надеж.
Папата Лав XIV во четврток, 11 јуни 2026 година, се сретна со епископи, свештеници, ѓакони, монаси, монахињи, семинаристи и пасторални соработници во катедралата „Света Ана“ во Лас Палмас де Гран Канарија.
Средбата се одржа за време на претпоследната етапа од апостолското патување на Папата во Шпанија, во која посебен акцент беше ставен на миграцијата, социјалните предизвици и улогата на Црквата во придружувањето на ранливите заедници.
Канарските Острови станаа една од главните влезни точки во Европа за мигрантите што пристигнуваат од Западна Африка, а локалните црковни заедници имаат значајна улога во обезбедувањето хуманитарна и пасторална поддршка.
Обраќајќи им се на собраните во катедралата, папата Лав им се заблагодари за нивното сведоштво за она што го опиша како „жива Црква“, која ги одразува „радостите и надежите, тагите и маките на луѓето од нашето време, особено на сиромашните и страдалниците“.
Папата рече дека дошол на островите „како татко и брат во верата“, потсетувајќи на зборовите што ги изговори на почетокот од својот понтификат: „Со вас сум христијанин, а за вас сум епископ.“
Заедно да ја градиме Црквата
Размислувајќи за читањето од Посланието до Ефесјаните, папата Лав ја нагласи важноста од препознавањето на различните дарови и служби во Црквата, како и нивното ставање во служба на единството.
„Господовиот повик одново одекнува во нашите срца денес и го потврдува нашиот повик и нашата мисија: заедно да ја градиме Црквата, заснована на Христос, ‘каменот-темелник’“, рече Папата.
Тој ги охрабри верниците да „градат врз она што е добро, да ги усогласуваат различностите и да работат заедно за доброто на сите“.
Да се носи Крстот
Папата потоа зборуваше за два става што, според него, се суштински за христијаните кои сакаат да станат „мудри градители“ на она што тој го нарече „цивилизација на љубовта“.
Првиот став е прифаќањето на Христовиот Крст. Користејќи ја сликата на морето што ги опкружува Канарските Острови, папата Лав забележа дека океанот може да буди чувство на дом и припадност, но истовремено може да биде и симбол на предизвик, оддалеченост и неизвесност.
Цитирајќи го свети Августин, Папата потсети дека човештвото копнее по својата вистинска татковина, но треба да го премине „морето на овој свет“ за да стигне до неа.
„За да ни го покаже патот, Оној кон Кого копнеевме да одиме, дојде Сам“, цитираше Папата. „Никој не може да го премине морето на овој свет ако не го носи Христовиот Крст.“
Папата Лав рече дека светците ни даваат пример како да се соочиме со животните тешкотии со доверба во Христос.
„Соочувајќи се со животните бури, тие знаеја да Го земат Исус во своите чамци; Му веруваа, го прегрнаа Крстот и така ги смируваа брановите на неизвесноста и стравот“, објасни тој.
Евхаристиска духовност
Вториот став што го истакна папата Лав е потребата од негување евхаристиска духовност.
Тој се осврна на долгогодишната локална традиција на посипување цветни ливчиња пред Пресветата Тајна за време на прославите на празникот Телото Христово, опишувајќи ја како потсетник дека Христос е центарот на христијанскиот живот.
„На нашето поклонение, целта е средбата со Христос; Тој е центарот на христијанскиот живот, пред Кого се поклонуваме во обожавање, околу Кого се собираме за да образуваме едно тело“, рече Папата.
Цитирајќи ја догматската конституција Lumen gentium од Вториот ватикански собор, Папата нагласи дека учеството во Евхаристијата го зајакнува единството на Црквата и треба да ги води верниците кон поголемо чувство на заедништво.
„Негувањето евхаристиска духовност значи уште подлабоко навлегување во духовноста на црковното единство во љубовта“, рече тој.
Да се гледа напред со надеж
Завршувајќи го своето обраќање, папата Лав ја охрабри локалната Црква да црпи сила од сведоштвото на многуте свети мажи и жени што ја обликувале историјата на христијанството на Канарските Острови.
Тој ги повика верниците да останат обединети во верата, надежта и милосрдието, опишувајќи ги овие добродетели, според зборовите на свети Иван Павле II, како „три ѕвезди што се издигнуваат на небото на нашиот духовен живот за да нè водат кон Бога“.
Доверувајќи ја Црквата на Канарските Острови на Пресвета Богородица под титулата „Stela Maris“ — Ѕвезда на морето — Папата ги охрабри католиците да ја продолжат својата мисија со доверба.
На крајот, тој го помоли Светиот Дух да им ја даде благодатта да останат обединети и верни среде предизвиците на сегашното време.
Ватикан њуз/к.мк

