Папата на аудиенција: Литургијата ја поткрепува Црквата и ја изразува нејзината вера

Папата на аудиенција: Литургијата ја поткрепува Црквата и ја изразува нејзината вера

За време на Генералната аудиенција во среда, 20 мај 2026 година, папата Лав XIV размислуваше за конституцијата на Вториот ватикански собор за светата Литургија, Sacrosanctum Concilium, нагласувајќи дека „литургијата ги поткрепува верните“ и дека секое евхаристиско славење станува „вистинско пројавување на Црквата во молитва“.

„Самиот Христос е внатрешниот извор на таинството на Црквата, светиот Божји народ, роден од Неговите ребра прободени на Крстот. Во светата Литургија, преку силата на Неговиот Дух, Тој продолжува да делува. Тој ја осветува и ја обединува Црквата, Неговата невеста, во Неговиот принос кон Отецот.“

Ова размислување папата Лав XIV го изнесе за време на својата неделна Генерална аудиенција на плоштадот „Свети Петар“, продолжувајќи ја серијата катехези за Вториот ватикански собор. Оваа недела тој почна да размислува за конституцијата за светата Литургија од 1963 година, Sacrosanctum Concilium.

Тајната на Христос

Светиот Отец потсети дека при изготвувањето на оваа конституција, соборските отци сакале да ја водат Црквата кон размислување и продлабочување на живата врска што ја сочинува и обединува, односно тајната Христова.

Имајќи го тоа предвид, забележа Светиот Отец, „литургијата го допира самото срце на оваа тајна: таа е истовремено простор, време и контекст во кој Црквата го прима својот живот од Христос“.

Во литургијата, потсети тој, „се извршува делото на нашето откупување“, кое нè прави избран род, царско свештенство, свет народ, народ што Бог го стекнал за Себе.

„Како што се пројави преку тројната обнова, библиска, патристичка и литургиска, што Црквата ја доживеа во текот на дваесеттиот век“, забележа тој, „таа тајна не означува нејасна реалност, туку Божји план за спасение“.

Пасхалниот настан таинствено ни се претставува во литургијата

Папата Лав нагласи дека христијанската тајна е пасхалниот настан, кој ги опфаќа Страдањето, Смртта, Воскресението и Прославувањето на Христос, настан што „таинствено ни се претставува во литургијата“.

Тој потсети дека секогаш кога учествуваме во собранието собрано „во Негово име“, сме потопени во оваа тајна.

Самиот Христос, повтори Папата, е внатрешниот извор на тајната на Црквата.

Христос продолжува да ја осветува Црквата

„Во светата Литургија, преку силата на Неговиот Дух“, објасни папата Лав, „Тој продолжува да делува. Тој ја осветува и ја обединува Црквата, Неговата невеста, во Неговиот принос кон Отецот“.

„Тој го остварува“, продолжи Папата, „Своето единствено свештенство, присутен во објавеното Слово, во Светите Тајни, во свештенството што служи, во собраната заедница и, во највисок степен, во Евхаристијата“.

Свети Августин, забележа папата Лав, рекол дека славејќи ја Евхаристијата, Црквата „го прима Телото Господово и станува она што го прима“: таа станува Тело Христово, „живеалиште Божјо во Духот“.

Ова дело на нашето откупување, рече Светиот Отец, „нè сообразува со Христос и нè изградува во заедништво“.

Заедништво остварено преку обреди и молитви

„Во светата Литургија“, рече папата Лав XIV, „ова заедништво се остварува преку обреди и молитви“.

„Обредите на Црквата“, рече тој, „ја изразува нејзината вера, во согласност со познатата изрека lex orandi, lex credendi, и истовремено го обликува црковниот идентитет“.

„Објавеното Слово, славењето на Светите Тајни, гестовите, тишината, просторот, сето тоа го претставува и го обликува народот собран од Отецот, Телото Христово, Храмот на Светиот Дух“, рече тој.

Така, забележа Папата, „секое славење станува вистинско пројавување на Црквата во молитва“, како што истакна свети Иван Павле II во своето апостолско писмо Vicesimus quintus annus, по повод 25-годишнината од објавувањето на Sacrosanctum Concilium.

„Врвот на делувањето на Црквата“

Папата Лав забележа дека „бидејќи литургијата е во служба на Христовата тајна, разбираме зошто таа е дефинирана како ‘врв кон кој е насочено делувањето на Црквата… извор од кој извира целата нејзина сила’“.

„Вистина е дека делувањето на Црквата не се ограничува само на литургијата“, рече папата Лав, „сепак, целото нејзино делување, проповедањето, служењето на сиромашните, придружувањето на човечките реалности, се приближува кон овој ‘врв’.“

Литургијата ги поткрепува верните

„Од друга страна“, објасни тој, „литургијата ги поткрепува верните така што секогаш одново ги потопува во Пасхата Господова“.

„И така, преку проповедањето на Словото, славењето на Светите Тајни и заедничката молитва“, рече тој, „тие се освежуваат, охрабруваат и обновуваат во својата посветеност на верата и во својата мисија“.

Со други зборови, забележа Папата, учеството на верните во литургиското дејство е истовремено „внатрешно“ и „надворешно“.

Папата рече дека тоа значи оти литургијата е повикана „да се одвива на опиплив начин во секојдневниот живот, во етичка и духовна динамика“, така што славената литургија „да се преточи во живот“ и „да бара верно постоење, способно да го конкретизира она што е доживеано во славењето“.

Литургијата нè воведува во Христовиот живот

Папата рече дека нашиот живот така станува „жива жртва, света и прифатлива за Бога“, исполнувајќи го нашето „духовно богослужение“, и дека „литургијата секојдневно ги изградува оние што се внатре во светиот храм Господов“, формирајќи отворена заедница, подготвена да ги прими сите.

Населена од Светиот Дух, литургијата, рече папата Лав, „нè воведува во Христовиот живот, нè прави Негово Тело“ и, „во сите свои димензии, претставува знак на единството на целиот човечки род во Христос“.

„Сите се поканети на вечера“

Тој нагласи дека Божјата покана се однесува на сите луѓе, потсетувајќи на зборовите на папата Фрањо во неговото апостолско писмо Desiderio desideravi, во кое се вели: „Светот сè уште не го знае тоа, но сите се поканети на свадбената вечера на Јагнето“.

На крајот, папата Лав XIV ги повика верните да му се придружат „дозволувајќи да бидеме внатрешно обликувани од обредите, симболите, гестовите и пред сè од живото присуство на Христос во литургијата“, која, рече тој, „ќе продолжиме да ја истражуваме заедно во наредните недели“.

Четириесет години од енцикликата „Dominum et Vivificantem“

Во обраќањето до полските поклоници, Папата потсети дека оваа недела се навршуваат 40 години откако свети Иван Павле II ја објави енцикликата Dominum et Vivificantem за Светиот Дух во животот на Црквата и светот. Во неа, потсети тој, Светиот Дух е наречен „светлина на срцата“ и ни овозможува „доброто и злото да ги нарекуваме со нивното вистинско име“.

„Додека ја очекуваме Педесетница“, повика папата Лав XIV, „да Го молиме Божјиот Дух со Своите дарови да ја разбуди човечката совест, да ја одврати од неправдата, насилството и војната и да го обнови лицето на земјата!“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот