НА 5 февруари, истекува договорот за контрола на нуклеарното оружје „Нов СТАРТ“. Папата Лав XIV апелираше да не се заборави договорот, туку да се работи на обезбедување на негово конкретно и ефикасно продолжување. Тој ја нагласи итна потреба логиката на стравот да се замени со заедничка етика способна да ги води одлуките кон општо добро.
На крајот од Генералната аудиенција одржана во среда, 4 февруари 2026 година, папата Лав XIV изрази загриженост за критичната ситуација во светот со оглед на бројните конфликти што се случуваат во моментов, а особено за можноста договорот „Нов СТАРТ“ да не биде продолжен. Тој беше потпишан во 2010 година од страна на американскиот претседател Барак Обама и рускиот претседател Дмитриј Медведев. Првпат беше продолжен во 2016 година и повторно обновен во 2021 година за дополнителни пет години. Договорот, кој претставуваше значаен чекор во спречувањето на ширењето на нуклеарното оружје, истекува на 5 февруари, па затоа Папата упати апел:
Обновувајќи го моето охрабрување за секој конструктивен напор во корист на разоружувањето и меѓусебната доверба, упатувам силен апел овој инструмент да не биде заборавен и да се гарантира неговото конкретно и ефикасно продолжување.
Преоружувањето го загрозува мирот
Продолжувањето на овој договор е неопходно за иднината на светот да не биде обележана со трка во вооружување и сè подалечен мир, кој сепак останува општо добро на сите луѓе – истакна Римскиот епископ, додавајќи:
Мора да се направи сè што е можно за да се спречи нова трка во вооружување што дополнително го загрозува мирот меѓу народите. Исклучително е итно да се замени логиката на стравот и недовербата со заедничка етика способна да ги води одлуките кон општото добро и да го направи мирот добро што секој може да го заштити.
Ватикан њуз/к.мк

