Папата: Мораме да им помагаме на слабите и сиромашните со ревноста на првите христијански заедници

Папата: Мораме да им помагаме на слабите и сиромашните со ревноста на првите христијански заедници

Папата Лав XIV ги прими на аудиенција членовите на Одборот на директори на американската организација „Католичко друштво за проширување“, која преку различни проекти ги поддржува најсиромашните епархии и парохии во неколку земји на американскиот континент, а на посебен начин ја промовира пасторалната грижа за бројни имигрантски семејства во Соединетите Американски Држави. Светиот Отец нагласи дека таму каде што постои вистинска верска заедница, христијанската љубов ги поттикнува нејзините членови да ги ублажуваат страдањата на другите.

Истата ревност што ги поттикнувала првите христијани да ја споделуваат пораката на Исус Христос и дарот на Светиот Дух, пред 120 години го вдахновила и отец Франсис Клемент Кели да ги донесе Светите Тајни и поддршката на Црквата до најоддалечените заедници на верници во Соединетите Американски Држави.

Така се роди „Католичкото друштво за проширување“, институција за собирање средства, одобрена и канонски призната од папата Пиј X. Денес таа спроведува различни проекти и ги поддржува американските мисионерски епархии преку финансирање изградба на цркви и реновирање објекти, доделување стипендии на идни свештеници, монахињи и пасторални работници, како и преку поддршка на различни служби.

Токму тој мисионерски ентузијазам е потребен денес, нагласи папата Лав XIV во понеделник 18 мај 2026 година, примајќи ги на аудиенција членовите на Одборот на директори на оваа непрофитна организација, кои се на ходочестие во Рим и Ватикан заедно со своите семејства.

Израз на универзалноста на Црквата

Зборувајќи на англиски јазик, Светиот Отец особено ги поздрави оние што доаѓаат од Долтон, предградие на Чикаго, каде што самиот пораснал, и изрази надеж дека времето поминато во центарот на христијанството ќе ја зајакне нивната врска со Петровиот наследник и со универзалната Црква.

Тој им се заблагодари на сите за нивната постојана посветеност во служењето на најсиромашните католички заедници, како во Соединетите Американски Држави, така и во други земји. Тој додаде:

„Би сакал особено да ја пофалам вашата работа во Куба и Порторико. Поддршката што им ја давате на овие заедници е прекрасен израз на универзалноста на Црквата и силен потсетник дека љубовта кон ближниот е опиплив доказ за автентичноста на нашата љубов кон Бога.“

Плодовите на христијанската љубов

Потоа Римскиот епископ ги охрабри присутните да продолжат со својата пасторална грижа за оние на кои им е најпотребна помош и за бројните имигрантски семејства во Соединетите Американски Држави, нагласувајќи колку е важно овие луѓе да ја доживеат топлината на заедницата обележана со Христовото присуство.

Тој додаде дека таму каде што постои вистинска верска заедница, христијанската љубов ги поттикнува нејзините членови да ги ублажуваат страдањата на другите и да се грижат за оние на кои им е потребна помош, особено за сиромашните. Затоа нагласи:

„Љубовта кон сиромашните може да се сфати како евангелски и препознатлив знак на Црквата верна на Божјото срце, а истовремено им отвора врата на оние на кои им служиме, за да можат подлабоко да Го запознаат Господ, сведочејќи за Неговата љубов.“

Поддршка од заедници исполнети со вера

Наследникот на Петар заврши со зборовите дека е клучно ублажувањето на материјалните потреби на оние на кои им е потребна помош да биде придружено со вложување во градењето живи католички заедници. Токму тоа, рече тој, го прави американската организација преку продолжувањето на својата мисија.

Проширувајќи го својот поглед кон целата Црква, папата Лав XIV нагласи дека заедниците исполнети со вера им овозможуваат на другите секојдневно да ја доживуваат радоста на новиот живот во Христос, да ги поддржуваат оние на кои им е најпотребна помош и да ја примат силата потребна за соочување со животните предизвици со вера.

Тој заклучи дека ваквите заедници се и „добра почва“ во која новите свештенички и монашки звања можат да се вкоренат и да почнат да растат, создавајќи нови работници за жетвата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот