На петтиот ден од престојот во болницата, лекарите на папата Лав XIV соопштија дека неговата здравствена состојба дозволува да биде отпуштен од болницата „Џемели“. Канцеларијата за печат на Светиот Престол потврди дека Папата ќе се врати во Ватикан во сабота попладне, а во недела ќе ја предводи молитвата „Ангел Господов“ од прозорецот на папскиот апартман.
Во саботата наутро, 17 октомври 2026 година, Канцеларијата за печат на Светиот Престол објави соопштение од лекарите на папата Лав XIV, во кое се наведува дека неговата здравствена состојба дозволува да биде отпуштен од болницата „Џемели“.
Д-р Луиџи Карбоне и професор Стефано Маргаритора соопштија дека Папата утрово направил крвни анализи и рендгенска снимка на градниот кош, кои потврдиле дека неговата клиничка состојба му овозможува да ја напушти болницата.
Во посебно соопштение, Канцеларијата за печат на Светиот Престол наведе дека Папата ќе биде отпуштен од болницата во сабота попладне и ќе се врати во Ватикан.
„По лекарската проценка извршена утрово, папата Лав XIV денес ќе биде отпуштен од болницата „Џемели“, каде што беше хоспитализиран поради операција на десното белодробно крило“, се наведува во соопштението. „Тој ќе ја напушти болницата во раните попладневни часови и ќе се врати во Ватикан. Утре ќе ја предводи молитвата „Ангел Господов“ од прозорецот на папскиот апартман.“
Пред да се врати во Ватикан, Папата ќе служи света Литургија во просторијата наменета за таа цел на десеттиот кат од болницата „Џемели“, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Ватикан њуз/к.мк

