За време на обраќањето до претставниците на Папските мисионерски дела, папата Лав XIV ја покани целата Црква да учествува во Светската мисиска недела. Тој се потсети и на долгогодишниот директор на Папските мисионерски дела во Соединетите Американски Држави, преподобниот Фултон Шин, кој ќе биде беатифициран во септември, нарекувајќи го „светлина на верата и надежта во Евангелието“ и истакнувајќи: „И јас самиот сум сведок на неговата евангелизација додека растев“.
„На Светската мисиска недела секоја католичка заедница е повикана да се моли и да принесе духовни и материјални дарови за мисионерските напори во подрачјата на прва евангелизација и за поддршка на младите Цркви.“
Ова го истакна папата Лав XIV во понеделникот во Ватикан, примајќи ги учесниците на Генералното собрание на Папските мисионерски дела.
Светиот Отец го започна своето обраќање потсетувајќи на богатата историја на Папските мисионерски дела и на нивниот значаен придонес за Црквата и за светот во текот на изминатите децении. Тој потсети дека 2026 година носи неколку важни мисионерски јубилеи, особено стогодишнината од востановувањето на претпоследната недела од октомври како Светска мисиска недела од страна на папата Пиј XI, на барање на Папското дело за ширење на верата.
„Веќе сто години“, забележа папата Лав, „овој ден е посветен на молитва, размислување и придонес за мисијата на Црквата во евангелизацијата, особено во подрачјата каде што проповедањето на Евангелието штотуку започнува и каде што Црквата е сè уште млада.“
„Ако можам да додадам“, рече Папата, „една од посебните служби на Светската мисиска недела е да ги потсетува луѓето во постарите Цркви, односно во веќе воспоставените Цркви, колку е важно и тие да се вклучат во мисионерскиот дух на целата Црква.“
Влијанието на дарежливоста на Светската мисиска недела
Благодарение на средствата собрани за време на Светската мисиска недела, истакна Светиот Отец, Папското дело за ширење на верата може да им обезбеди неопходна помош на повеќе од 1.130 црковни заедници што зависат од Дикастеријата за евангелизација, односно од Секцијата за прва евангелизација и новите посебни Цркви. Таа помош овозможува воспоставување на потребната црковна инфраструктура и поддршка на различни мисионерски иницијативи.
Папата потсети и дека овие средства ја поддржуваат работата на пет богословии во Рим, наменети за постојано образование на свештеници, монаси и монахињи кои доаѓаат во Рим на студии и „стануваат драгоцени ресурси за своите локални Цркви, во кои се враќаат по завршувањето на студиите“.
„Овие и многу други мисионерски иницијативи се можни благодарение на дарежливоста на верниците на Светската мисиска недела“, рече тој.
„Едно во Христос, обединети во мисијата“
Папата потсети дека темата на овогодишната Светска мисиска недела, „Едно во Христос, обединети во мисијата“, го истакнува единството на верниците и ја одбележува 100-годишнината од оваа глобална прослава.
Темата, рече тој, „ги поканува сите членови на Црквата на подлабоко заедништво во Христос и на поцелосно единство во Неговата божествена мисија на љубовта“. Таа, додаде Папата, „ја одразува длабоката желба на Господ, изразена во Неговата молитва до Отецот пред страдањата“.
Истакнувајќи дека овие аспекти од овогодишната тема „повикуваат на мисионерска обнова во Црквата во наредните години“, папата Лав ги охрабри присутните „да го имаат ова учење на ум, да живеат автентична духовност на мисионерско единство и заедништво, сосредоточена околу Христос, и да ја промовираат преку своите активности меѓу верниците“.
Преподобниот Фултон Шин, светлина на надежта, верата и љубовта
Папата Лав рече дека е „промисла“ тоа што „познатиот национален директор на Папските мисионерски дела во Соединетите Американски Држави, преподобниот Фултон Џ. Шин“, ќе биде беатифициран на 24 септември во Сент Луис, Мисури.
„Архиепископот Шин“, потсети папата Лав, „беше светлина на верата, надежта и љубовта, која со децении светеше преку радиото и телевизијата. И јас самиот сум сведок на неговата евангелизација додека растев.“
„Неговите емисии“, продолжи тој, „допреа до милиони луѓе со надежта на Евангелието, а неговите иницијативи и напори донесоа голема духовна и материјална помош за Црквите во подрачјата на прва евангелизација.“
Папата се помоли идниот блажен „да биде пример за сите национални и епархиски директори на Папските мисионерски дела низ целиот свет“.
Непроценлива служба за мисијата на Црквата
На посебен начин, Папата ја истакна важноста на нивната работа во свет разурнат од војни.
Во свет кој е сè повеќе обележан со поделби, војни и конфликти меѓу народите и државите, четирите Папски мисионерски дела, доверени на Дикастеријата за евангелизација, односно на Секцијата за прва евангелизација и новите посебни Цркви, даваат непроценлива служба во мисијата на Црквата да Го проповеда Христос, Кнезот на мирот.
Во тој контекст, Папата му се заблагодари на Папското мисионерско дело на Светото детство за неговата „особено драгоцена мисија“, со која ја носи светлината на верата и утехата на христијанското милосрдие до децата низ целиот свет, особено во подрачјата погодени од омраза и насилство.
Светиот Отец го пофали и Папското мисионерско дело на светиот апостол Петар за промовирањето и поддршката на формирањето на домашно свештенство и посветени лица на териториите на првата евангелизација.
„На многу места, без помошта на ова Дело“, призна тој, „семинаристите и искушениците не би ги имале потребните средства за своето човечко, духовно и пасторално формирање.“
Папата Лав XIV го заврши своето обраќање доверувајќи ги сите присутни, како и сите што учествуваат во „важната мисионерска работа“ на Папските мисионерски дела, на мајчиното застапништво на Мајката Божја, Марија, Царица на мисиите, и на сите мисионери светци.
Ватикан њуз/к.мк

