Пред почетокот на Генералната аудиенција, папата Лав XIV застана и се помоли на местото каде што неговиот претходник, свети Иван Павле II, беше застрелан во 1981 година.
Пред почетокот на Генералната аудиенција на 13 мај, додека папата Лав XIV минуваше низ толпата со папамобилот, застана и клекна на местото каде што, точно на овој ден во 1981 година, неговиот претходник, свети Иван Павле II, беше жртва на обид за атентат.
„Денес го чествуваме споменот на Богородица од Фатима. На овој ден, пред четириесет и пет години, беше извршен обид за атентат врз папата Иван Павле II и поради тоа денешната катехеза ѝ ја посветив на Пресвета Богородица“, рече Папата за време на поздравот до верниците од англиското говорно подрачје.
Местото е обележано со бела мермерна плоча со грбот на свети Иван Павле II, поставена на плочките. По обидот за атентат, свети Иван Павле II повеќепати ја изразуваше својата увереност дека неговиот живот бил зачуван преку застапништвото на Дева Марија.
Во врска со тоа, во поздравот до португалските поклоници, папата Лав ги повика сите да го насочат погледот кон Светилиштето на Богородица од Фатима, каде што таа „им довери порака за мир на трите деца пастири“.
„На тоа место, толку драго за христијанството, денес се собираат бројни ходочесници од сите пет континенти: нивното присуство е знак на потребата од утеха, единство и надеж меѓу луѓето од нашето време. Да го довериме на Безгрешното Срце на Марија крикот за мир и хармонија што се издига од секој дел од светот, особено од народите погодени од војна. Мојот благослов на сите!“
Нападот врз Иван Павле II
Папата Иван Павле II ги поздравуваше верниците пред Генералната аудиенција од отворен бел џип, кога на 13 мај 1981 година од непосредна близина беа испукани истрели. Папата беше сериозно ранет и веднаш префрлен во болницата „Џемели“ во Рим.
Во соопштението објавено подоцна од Канцеларијата за печат на Светиот Престол беше потврдено дека Папата бил погоден во стомакот и дека бил опериран во болницата „Џемели“. Во соопштението беше наведено дека, иако неговата состојба е сериозна, постојат „основани надежи за закрепнување“.
Четири дена подоцна, за време на молитвата „Царице небесна“ од болницата, Иван Павле II им се обрати на верниците и јавно проговори за простување на Мехмет Али Агџа, човекот одговорен за нападот.
Тој ги увери верниците дека се моли за напаѓачот и повторно ѝ се довери на Дева Марија со зборовите: Totus tuus ego sum – „Јас сум целосно твој“.
Ватикан њуз/к.мк

