На средбата со духовните чеда на свети Винкентиј Павелски, папата Лав XIV потсети на учењето на францускиот светец дека молитвата и дејствувањето во служба на социјалната правда се меѓусебно поврзани и неразделни.
Папата Лав XIV во петок, 28 август 2026 година, се сретна со делегација на Друштвото „Свети Викентиј Павелски“ од Соединетите Американски Држави.
Основана во 1833 година, оваа меѓународна организација се стреми за осветување на своите членови преку лична служба на сиромашните. Таа е дел од винекејтинското семејство на католички организации посветени на свети Винкентиј Павелски.
Во своето обраќање, Папата им се заблагодари на членовите на Друштвото за нивната посветена служба на браќата и сестрите низ Соединетите Американски Држави.
„Со тоа што слободно ги принесувате даровите и талантите што ви ги дал Бог“, рече тој, „давате силно сведоштво за вашата вера во служба на изградбата на Божјото Царство.“
Молитвата ја води службата кон сиромашните
Папата ги охрабри членовите на Друштвото да го продлабочуваат својот однос со Исус Христос, за Тој да ја води нивната служба кон оние на кои им е најпотребна помош.
„Свети Винкенти Павелски покажа дека молитвата и социјалната правда не се само комплементарни, туку навистина се неразделни“, потсети Папата, повикувајќи ги духовните чеда на светецот да го следат неговиот пример.
Папата Лав XIV се осврна и на учењето на свети Августин дека грижата за сиромашните е сосредоточена во Христос и дека Бог секогаш ќе биде дарежлив за оние што им служат на другите.
„Затоа веруваме дека грижата за другите, кога е поттикната од љубов, не само што им помага на оние на кои им е потребна помош, туку го отвора и срцето на дарителот за Божјата благодат“, рече тој.
Да се препознае Христос во ближниот
Потоа Папата ги повика членовите на Друштвото „Свети Винкентиј Павелски“ во Соединетите Американски Држави великодушно да го принесуваат своето време.
Служејќи Му на Христос во сиромашните, рече тој, Божјата благодат „постојано ќе ги прочистува вашите срца и умови, и полесно ќе Го препознавате Христос во својот ближен, и во оние на кои им служите и во оние со кои работите“.
На крајот, папата Лав XIV упати топли поздрави до сите членови на Друштвото „Свети Винкентиј Павелски“, како и до сите на кои тие им помагаат.
Ватикан њуз/к.мк

