Интегралниот човечки развој е неразделен од евангелизацијата, бидејќи Евангелието секогаш ја допира конкретната човечка реалност, порача папата Лав XIV на средбата со членовите на Дикастеријата за промовирање на интегралниот човечки развој, собрани во Ватикан на пленарна седница.
Папата предупреди на две опасности. Првата е Евангелието да се сведе на обична социјална или хуманитарна програма. Втората е верата да се одвои од реалниот живот на луѓето. Според него, во Христос постои една единствена мисија, која го опфаќа целиот човек.
„Оние што го проповедаат Христос не можат да останат рамнодушни кон ништо што го повредува човечкото достоинство, а оние што му служат на достоинството на своите браќа и сестри го среќаваат Христовото лице во нив“, нагласи Светиот Отец.
Тој потсети дека задачата на Дикастеријата е да им даде глас на оние чии повици често се губат во јавниот простор, особено на сиромашните, обесправените, болните, лицата со попреченост и сите чие достоинство е загрозено од неправда или општествени услови.
За да ја објасни оваа мисија, Папата се осврна на евангелскиот настан со воскресението на Лазар. Христос е Оној што го повикува Лазар во живот, но од присутните бара да го тргнат каменот од гробот и да го ослободат од повојите. Во оваа слика Лав XIV ги препозна двете основни задачи на христијанското општествено делување, отстранување на пречките и ослободување на потенцијалот за добро.
Отстранувањето на пречките, според Папата, подразбира јасно препознавање на структурите што создаваат сиромаштија, го повредуваат заедничкиот дом и ја сведуваат човечката личност на дел од економскиот механизам. Социјалната наука на Црквата, рече тој, треба постојано да го чита Евангелието во светлината на знаците на времето и да го слуша искуството на Божјиот народ, особено на сиромашните.
Другата задача е ослободување на доброто што веќе постои во луѓето и заедниците. Црквата е повикана да ги придружува луѓето и да создава услови во кои даровите и харизмите што Светиот Дух ги посеал можат да растат и да придонесуваат за обновување на општеството.
Посебно место во обраќањето имаше и мирот. Папата нагласи дека мирот е плод на правдата, почитувањето на човечкото достоинство, братството меѓу народите и грижата за создадениот свет. Во таа перспектива, интегралниот човечки развој е еден од главните патишта преку кои Црквата го сведочи Евангелието во современиот свет.
На крајот Лав XIV ги повика членовите на Дикастеријата да бидат „слуги на надежта која знае трпеливо да чека и храбро да дејствува“, нагласувајќи дека служењето на човекот во неговата целосност е составен дел од мисијата на Црквата.
к.мк

