Папата Лав XIV ги прими на аудиенција членовите на Работната група за меѓукултурен и меѓурелигиски дијалог, тело на Европскиот парламент, и повторно нагласи дека е важно политичарите со христијанска инспирација да го промовираат дијалогот, признавајќи ја вредноста на верската димензија и чувајќи ги различностите – а не поделбите или конфузијата – во однос на политиката. Како сведоци за тоа тој ги посочи Роберт Шуман, Конрад Аденауер и Алчиде де Гаспери.
Овие личности, рече Папата, оставија прекрасно сведоштво во промовирањето на дијалогот кој е суштинска цел за секој политичар што се надоврзува на христијанското вдахновение. Петровиот наследник затоа ги охрабри членовите на ова тело – кое е дел од Групата на Европската народна партија (ППЕ) во Европскиот парламент и кое работи и на справување со нетолеранцијата и верските конфликти, како и на промовирање на социјалната кохезија и заштита на слободата на религија или верување во Европа и пошироко – да ја продолжат оваа традиција, со надеж дека таа ќе донесе уште поубави плодови.
За здрав секуларизам
Во говор одржан на англиски јазик, Папата Лав XIV ја истакна важноста на здравиот секуларизам и рече:
„На европските институции им се потребни луѓе кои знаат како да живеат здрав секуларизам, односно стил на размислување и дејствување што ја потврдува важноста на верата, а воедно ја зачувува различноста – а не поделбата или конфузијата – во однос на политиката.“
Ценете ги човечките односи
Религијата, според етимолошкиот корен на зборот, ја содржи димензијата на поврзаност. Оттука таа добива неизбежна вредност и на личен и на општествен план. Папата објасни дека ова е достигнување што мора да го имаат предвид сите кои се посветени на унапредување на меѓурелигискиот дијалог и нагласи:
„Кога е автентична и добро хранета, религиозната димензија ги збогатува меѓучовечките односи и во голема мера придонесува за формација на луѓето за живот во заедницата и општеството. Колку е важно денес да се даде вредност и значење на човечките односи!“
Човечкото достоинство во центарот
Во свет каде што човечкото достоинство често е погазено, Папата повторно го стави во центарот на вниманието, повикувајќи на негова заштита:
„Да се биде маж или жена на дијалог значи да се остане цврсто вкоренет во Евангелието и во вредностите што произлегуваат од него, а истовремено да се негува отвореност, слушање и дијалог со оние што доаѓаат од други убедувања, секогаш ставајќи ја човечката личност – нејзиното достоинство и нејзината релациска и заедничка природа – во центарот.“
Ватикан њуз/к.мк