Во дворот на Апостолската палата во Кастел Гандолфо, летната резиденција на папите, во сабота ќе се одржи концерт на класична музика во чест на папата Лав XIV. Покрај Светиот Отец, на концертот ќе присуствуваат околу 200 поканети гости, соопшти Епархијата Албано, која го организира настанот.
Програмата предвидува и кратко обраќање на папата Лав XIV. Оркестарот „I Musici di Parma“, составен од 55 музичари, заедно со двајца солисти ќе изведе композиции од Николо Паганини и Винченцо Белини.
Како што се наведува во соопштението, извадок од операта „Норма“ на Белини, за оваа пригода, специјално за пијанистката Росана Томаси Голкар го аранжирал добитникот на Оскар, Луис Бакалов. Таа ќе настапи на клавир од марката Bechstein. Со концертот ќе диригира Пјер Карло Орицио.
„Повторното присуство на Светиот Отец на подрачјето на нашата епархија ја исполни со радост нашата месна Црква и луѓето што живеат овде“, изјави бискупот на Албано, Винченцо Вива.
Затоа, како што се наведува во соопштението, неговата епархија сака симфонискиот концерт да му го подари на Папата како „гест на љубов и заедништво“.
Бискупот на Албано е роден во Франкфурт
Концертот во атриумот на Апостолската палата ќе започне во 21 часот, а на почетокот ќе се обрати и бискупот на Албано.
Винченцо Вива, кој е роден и пораснал во Франкфурт на Мајна, е бискуп на Албано од 2021 година. На оваа служба го назначи папата Фрањо, кој сам не ја користеше папската летна резиденција во Кастел Гандолфо, туку паркот и Апостолската палата ги отвори за посетители.
За разлика од својот претходник, папата Лав XIV во јули го поминува летниот одмор во Кастел Гандолфо. Тој годинава одлучи повторно да ја користи Апостолската палата. Дотогаш престојуваше во Вила Барберини, која исто така се наоѓа во рамките на папската летна резиденција.
Ватикан њуз/к.мк

