Папата Лав XIV во вторник наутро, 20 мај 2025 година ненадејно ја посети Дикастеријата за епископи – институцијата во која до неодамна служеше како префект, сè до неговиот избор за Папа. Во капелата на Дикастеријата, Светиот Отец служеше света Литургија.
Канцеларијата за печат на Светиот Престол информира дека Папата Лав ја посети Дикастеријата, каде што од јануари 2023 година па сè до 8 мај оваа година ја извршуваше службата префект, сè до неговиот избор за Папа.
Во соопштението се наведува дека Светиот Отец служел света Литургија во капелата на Дикастеријата. Тој пристигнал околу 10:00 часот наутро, со темниот минибус кој веќе е препознатлив од неговите посети надвор од Ватикан.
Имено, истиот автомобил беше забележан за време на неговата посета на 10 мај, кога отпатува јужно од Рим, во светилиштето на Богородица од Добриот Совет во Џенацано, како и точно пред една недела во Августинијанум, каде што служеше света Литургија и ручаше со своите браќа Августинци.
Ова е третото ненадејно појавување на Папата по неговиот избор. Светиот Отец беше дочекан со топол аплауз, а мала група народ се собра на плоштадот – само неколку метри од колонадата на Свети Петар – скандирајќи: „Viva il Papa!“
Дикастеријата за епископи е задолжена за сите прашања поврзани со основањето и организирањето на поединечни цркви, како и со вршењето на епископската служба во Латинската црква, без да навлегува во надлежностите на Дикастеријата за евангелизација.
Попладнево, Светиот Отец ќе отпатува во базиликата „Свети Павле надвор од ѕидините“, каде ќе се помоли на гробот на апостол Павле.
Во среда наутро, Папата Лав ќе ја одржи својата прва Генерална аудиенција со верниците во Ватикан.
Ватикан њуз/к.мк