Папата Лав XIV ќе биде примен во болницата „Џемели“ во Рим во вторник наутро, 13 октомври 2026 година, каде што ќе биде подложен на операција за отстранување на „мал, локализиран јазол на белите дробови“. Поради хоспитализацијата ќе има промени во неговата претходно закажана програма, соопшти директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Папата Лав XIV треба да биде примен во болницата „Џемели“ во Рим „доцна претпладне“ во вторник, 13 октомври, за операција за отстранување на локализиран јазол на белите дробови.
Според Префектурата на Папското домаќинство, сите аудиенции на Папата се откажани поради неговата хоспитализација до вторник, 20 октомври.
Папата ја најави претстојната операција по молитвата „Ангел Господов“ во неделата, објаснувајќи дека „малиот, локализиран јазол“ бил откриен за време на неодамнешни медицински прегледи.
Одговарајќи на новинарски прашања за здравствената состојба на Папата во понеделникот, Матео Бруни, директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, појасни дека станувало збор за рутински медицински прегледи.
Тој исто така потврди дека престојот на Папата во болница по операцијата се очекува да трае приближно една недела, како што беше соопштено во неделата.
Папата Лав, кој прими пораки за поддршка од Цркви и политички лидери од сите пет континенти, ги одржа сите закажани аудиенции во понеделникот наутро.
Сепак, тој нема да учествува на попладневната сесија на средбата во салата „Павле VI“, организирана по повод десетгодишнината од објавувањето на Amoris laetitia.
Промени во распоредот на Папата
Говорејќи на брифинг во Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Исусовецот отец Џакомо Коста, кој ја координира методологијата на средбата и е консултант на Генералниот секретаријат на Синодата, објасни дека операцијата и последователниот престој во болница ќе наложат промени во текот на средбата.
Една од промените се однесува на светата Литургија закажана за среда, 14 октомври, на плоштадот „Свети Петар“, на која ќе учествуваат поглавари на Источните цркви, претседатели на епископските конференции, брачни двојки и експерти.
Папата Лав нема да ја предводи светата Литургија, туку оваа задача му ја довери на кардиналот Луис Антонио Тагле, про-префект на Дикастеријата за евангелизација и нов декан на Кардиналскиот колегиум.
„За време на светата Литургија ќе се молиме особено за здравјето на Светиот Отец, како и за семејствата“, рече отец Коста.
Папата сака да ги слушне заклучоците од средбата
Хоспитализацијата на Папата ќе влијае и врз плановите за завршниот извештај што треба да биде подготвен на крајот од средбата.
Отец Коста објасни дека папата Лав сакал лично да ги слушне заклучоците на учесниците и потоа да ги понуди своите размислувања.
Поради тоа, Папата побара извештајот да не биде објавен веднаш, како што првично било планирано, за најнапред да може да се запознае со неговата содржина и да даде свој одговор.
По излегувањето од болница, папата Лав има намера повторно да се наврати на документот и на останатите материјали од средбата, пред да ги понуди своите размислувања.
„Мислам дека оваа негова желба да слуша е прекрасна“, рече отец Коста. Тој додаде дека Папата не сакал средбата едноставно да заврши без да има можност да упати збор што би можел да ја поддржи посветеноста на целата Црква.
Ватикан њуз/к.мк

