Особено во „ерата на пребарувачите“, на Црквата ѝ се потребни уметници кои можат да им помогнат на пастирите да го направат Евангелието „достапно и разбирливо“, рече папата Лав XIV, во петок 2 октомври 2026 година, во обраќањето до учесниците на средбата „Уметноста на можностите: Ткаење заедно“, организирана од Дикастеријата за култура и образование.
Уметноста може да стане „форма на културна и духовна обнова“, рече папата Лав XIV во петокот, кога „се спротивставува на хомогенизацијата, го забавува нашиот поглед и нè принудува да застанеме пред она што одбива да биде едноставно консумирано“.
Светиот Отец размислуваше за односот меѓу Црквата и уметноста во своето обраќање до учесниците на средбата организирана од Дикастеријата за култура и образование под наслов „Уметноста на можностите: Ткаење заедно“.
Уметноста одговара на големите прашања на срцето
Откако им се заблагодари на членовите на Дикастеријата за нивната работа на павилјонот на Венециското биенале, папата Лав се осврна на мотото на овогодишната ватиканска изложба: „Увото е око на душата“. Всушност, рече тој, „уметноста делува како антена, ги собира големите прашања на човечкото срце… и ги прави чујни, видливи и споделени“.
Повикувајќи се на трајното сведоштво на свети Августин за немирното човечко срце кое ја бара вистината, папата Лав рече дека „уметноста, кога е автентична, е оживеана од овој немир“. Затоа, објасни тој, за Црквата уметноста никогаш не е „само додаток“, туку „основно место за слушање, простор каде што човек дозволува да биде поучен од стремежите и раните на човештвото, од неговата жед за убавина, правда и мир и од неговата потрага по смисла“.
Во ерата на пребарувачите, рече тој, „големата опасност повеќе не е само цензурата, туку хомогенизацијата; не само наметнатата тишина, туку и бучавата што го прави слушањето невозможно“.
Вистинската уметност и вештачката интелигенција
Уметноста, од друга страна, постојано се обидува да навлезе подлабоко од однапред подготвените одговори, барајќи ја „нишката што ги поврзува“ фактите што ги повторуваат автоматизираните системи.
Потсетувајќи на зборовите на свети Павле VI до уметниците, папата Лав рече дека на Црквата ѝ се потребни уметници кои можат да соработуваат во службата на навестувањето и да го направат светот на духот и на Бога „достапен и разбирлив“.
„Ова е особено вистинито во оваа ера на вештачката интелигенција“, продолжи папата Лав, „кога стана итно да се разликува човечката уметност од она што го произведуваат машините“.
Тој нагласи дека постои „онтолошка разлика, уште пред естетската, меѓу уметноста и она што машината може да го генерира преку статистичка пресметка врз основа на милиони слики создадени од други“.
Токму затоа, рече Светиот Отец, „Црквата сака да го обнови својот сојуз со уметниците и културните институции“.
Папата Лав XIV го заврши своето обраќање уверувајќи ги уметниците и кураторите „дека Црквата ве гледа со почит, благодарност и надеж; дека има потреба од вас и сака да оди рамо до рамо со вас, за заедно да можеме да го чуваме ‘величественото човештво’ што ни е доверено“.
Ватикан њуз/к.мк

