Во видео-порака за овогодинешната ALS „Марш за живот“, папата Лав XIV нагласи дека „квалитетот на човечкиот живот не зависи од достигнувањата“, туку „од љубовта“.
Обраќање до учесниците
Папата Лав XIV се обрати на учесниците на „Марш за живот“ организиран од Фондацијата „Лес Тарнер ALS“ во Чикаго. Во својата порака, упатена во саботата, тој изрази восхит и благодарност кон научниците и истражувачите кои работат на подобро разбирање на болестите на моторните неврони и на олеснување на страдањето што тие го предизвикуваат.
Поврзувајќи се со еврејскиот концепт тиккун олам – исцелување на созданието – Папата го цитираше и светиот Иван Павле II: „Ако уметникот не може да биде спречен да ја користи својата креативност, тогаш ниту оние што имаат посебни дарови за развој на науката и технологијата не треба да бидат спречени да ги користат своите таленти, дадени од Бога, во служба на другите.“
Пофалба за негувателите
Посебна благодарност Папата упати кон сите што секојдневно се грижат за лицата со ALS: „Како што ни споделуваат нашите муслимански браќа, хадисот вели дека 70.000 ангели се присутни кога негувателите пристигнуваат наутро, а уште 70.000 пристигнуваат навечер. Верувам дека и вие сте ангели.“
Што е ALS?
Амиотрофична латерална склероза (ALS) е неизлечива, прогресивна невролошка болест што ги уништува моторните неврони – нервните клетки задолжени за контрола на мускулите. Ова предизвикува прогресивна слабост и атрофија, бидејќи мускулите остануваат без соодветна „исхрана“.
Како последица, настапува парализа која сериозно ја ограничува способноста на заболениот да ги извршува секојдневните движења. Самото име ја опишува болеста: „амиотрофно“ значи неухранетост на мускулите, „латерално“ се однесува на местоположбата на нервните патишта во ‘рбетниот мозок, а „склероза“ означува стврднување на погоденото ткиво.
Порака на храброст и надеж
Папата упати зборови на охрабрување до заболените: „Вие имате особено место во моите мисли и молитви. Ви е доверен тежок товар… Но вашето страдање е можност да откриете и потврдите една длабока вистина: квалитетот на човечкиот живот не зависи од достигнувањата – тој зависи од љубовта.“
Исто така, им порача на ожалостените семејства: „Смртта не е последниот збор. Љубовта ја победува смртта.“
Завршна благодарност
На крајот од обраќањето, папата Лав XIV ја изрази својата благодарност кон Харви и Бони Гафен за нивната децениска посветеност во зачувувањето на споменот на Лес Тарнер: „Сите овие луѓе се овде поради вас – големината на вашето срце.“
Ватикан њуз/к.мк