Папата Лав XIV ги повика авторите и соработниците на Исусовското списание La Civiltà Cattolica да ја прифатат својата мисија за „согледување на Христовиот поглед врз светот, негово негување, пренесување и сведочење за него“.
Обраќајќи се пред редакцијата на историското Исусовско списание La Civiltà Cattolica по повод неговата 175-годишнина, папата Лав XIV ги повика присутните да ја пренесат надежта преку нашиот Господ.
La Civiltà Cattolica е едно од најстарите списанија што сè уште излегуваат, основано на 6 април 1850 година по налог на блажениот папа Пиј IX. Оттогаш, тоа стана средство за читање и толкување на историјата, политиката, културата, науката и уметноста во светлината на христијанската вера, во согласност со учењето на Папата и Светиот Престол.
Папата потсети дека додека известуваат за актуелните настани, кои често ја ставаат на искушение нашата надеж, потребно е да им пренесат на верниците дека христијаните се повикани да ја чуваат верата.
Во овој контекст, папата Лав го цитираше својот покоен претходник, папата Бенедикт XVI, кој во својата енциклика Spe salvi од 2007 година нагласи: „Мојот живот и историјата на светот не се препуштени на случајноста. Божјата промисла не запира. Имам сигурност: и покрај сите неуспеси, знам дека мојот живот е цврсто носен од силата на Божјата љубов. Затоа надежта останува, дури и среде бродоломи.“
Благодарност до La Civiltà Cattolica
Светиот Отец препознавајќи го значењето на јубилејот на списанието, го нагласи дека неговиот траен придонес за Црквата и изрази благодарност за долгогодишната верна и великодушна служба на Светиот Престол.
„Вашата работа,“ рече тој, „придонесе – и продолжува да придонесува – за присуството на Црквата во светот на културата, во согласност со учењето на Папата и со насоките на Светиот Престол.“
Опишувајќи го списанието како „прозорец кон светот“, Папата се восхити и на неговата особеност: способноста „да се ангажира во современите настани без страв од предизвиците и противречностите“.
Одговорност за воспитување на подобро општество и свет
Во своето обраќање, папата Лав предложи три клучни насоки за размислување: воспитување на луѓето за разумно и активно учество во светот, давање глас на најмалите и исклучените и да бидат гласници на надежта.
Во врска со воспитувањето, тој нагласи: „Она што го пишувате може да им помогне на читателите подобро да го разберат сложеното општество во кое живееме, препознавајќи ги неговите силни и слаби страни.“
Така списанието им овозможува на читателите да дадат значаен придонес во општеството, вклучително и во политичката сфера, за прашања како што се социјалната правда, семејството, образованието, технолошките промени и мирот.
Фундаментален аспект на животот и мисијата на секој христијанин
Потоа Папата се осврна на втората насока: да се биде глас на безгласните, особено „глас на сиромашните и исклучените“.
Оваа задача ја нарече „фундаментален аспект на животот и мисијата на секој христијанин“ и го цитираше папата Фрањо, кој го повика општеството да се потсети на оние што често се отфрлени.
За автентично живеење на ова послание, папата Лав XIV истакна дека е потребно понизно слушање и близина со оние кои страдаат.
„Само на овој начин,“ рече тој, „можно е да се биде верно и пророчко ехо на оние во неволја, кршејќи ги круговите на изолација, осаменост и глувост.“
„Нашата крајна надеж е во Христос“
На крајот, папата Лав го нарече списанието La Civiltà Cattolica гласник на надежта.
„Ова значи,“ истакна тој, „спротивставување на рамнодушноста на оние кои се нечувствителни кон ближните и кон нивната оправдана потреба за иднина“ и „надминување на обесхрабреноста кај оние кои престанале да веруваат во можноста за нови почетоци“.
За нас, нагласи тој, „крајната надеж е Христос, нашиот пат: ‘Јас сум патот, вистината и животот’ (Иван 14,6).“
„Во Него и со Него,“ продолжи Папата, „нема ќорсокаци на нашето патување и нема реалности – без оглед на нивната тежина или сложеност – што можат да нè спречат да го љубиме Бога и нашите браќа и сестри со доверба.“
Христовиот поглед врз светот
Папата Лав потсети на две размислувања на покојниот папа Фрањо за La Civiltà Cattolica.
Папата Фрањо, рече Лав XIV, ја потсети заедницата да продолжи со својата мисија „со радост, преку добро новинарство, верно единствено на Евангелието“ и нагласи дека „едно списание е навистина ‘католичко’ само ако го има Христовиот поглед врз светот и ако го пренесува и сведочи тој поглед“.
Со тоа чувство, папата Лав заврши: „Овие зборови ја сумираат вашата мисија: да го согледате Христовиот поглед врз светот, да го негувате, да го споделувате и да сведочите за него.“
Ватикан њуз/к.мк