Папата Лав ги охрабри монашките заедници секогаш да ги читаат знаците на времето

Папата Лав ги охрабри монашките заедници секогаш да ги читаат знаците на времето

Папата Лав XIII им се обрати на членовите на четири различни монашки заедници, присутни по повод нивните Генерални собранија, повикувајќи ги да продолжат да ги читаат знаците на времето со погледот на своите основачи.

Папата Лав XIII ги охрабри монасите и монахињите да останат вкоренети во својата харизма и да бидат внимателни на знаците на времето, потсетувајќи ги дека нивните основачи биле способни храбро и разумно да одговорат на потребите на своето време.

Обраќајќи се пред претставниците на Маристите, на Фрањевските браќа на Безгрешната и на Урсулинките на Безгрешната Марија, кои се во Рим по повод нивните Генерални собранија, Папата потсети дека нивните ктитори и ктиторки „успешно ги протолкувале знаците на времето и мудро одговарале на новите потреби“.

Заеднички живот, послушност, отвореност кон знаците на времето

Во својот говор, Папата се задржа на значењето на заедничкиот живот во монашкиот повик, на послушноста како чин на љубов и на важноста монасите и монахињите да бидат отворени за знаците на времето.

Тој потсети дека нивната историја е „прекрасно и разновидно сведоштво, кое го одразува мноштвото дарови дадени од Бога на основачите и основачките кои, со отвореност за делувањето на Светиот Дух, успешно ги толкувале знаците на времето и мудро одговарале на новите потреби“.

Тој посочи на примерот на Бриџида ди Џезу Морело, која во XVII век „започна иницијатива за промоција на достоинството на жените што ќе вроди со многу плодови во иднината“, и на Свети Гаспар дел Буфало, кој се спротивстави на „неконтролираниот дух на безбожност и нерелигиозност“ што го мачеше неговото време.

Исто така, се присети на отец Жан-Клод Колен, „вдахновен во својот апостолат од духот на понизност и дискреција на Марија од Назарет“, и на Фрањевските браќа на Безгрешната, основани „во 1990-тите, следејќи ги стапките на Свети Фрањо и Свети Максимилијан Колбе“.

Одговарајте мудро на новите потреби

Папата нагласи дека истата таа отвореност е од суштинско значење и денес: „Без овој отворен и прониклив поглед кон вистинските потреби на нашите браќа и сестри, ниедна од вашите заедници не би била основана“.

„Вашите основачи,“ додаде тој, „беа способни да набљудуваат, да оценуваат, да љубат, а потоа да се обидоа, дури и со ризик од големо страдање и неуспех, да им служат на вистинските потреби на своите браќа и сестри, препознавајќи го гласот Божји во сиромаштвото на своите ближни“.

Следете ги стапките на минатите генерации за да ги сфатите високите идеали

Тој нагласи дека да се оди напред значи да се носи живо сеќавање на храбрите почетоци, не како вежба по археологија или носталгија, туку следејќи ги стапките на минатите генерации за подобро да се сфатат идеалите, визијата и вредностите што ги вдахнале основачите и првите заедници, и да се открие нивниот потенцијал кој може да се примени денес.

Благодарност за сведоштвото на монашкиот живот

На крајот, Папата Лав изрази благодарност за секојдневното сведоштво на монашкиот живот, велејќи: „Знам колку добро правите секој ден во толку многу делови од светот, добро кое често е скриено за човечките очи, но не и за Божјите! Ви благодарам и ве благословувам од срце, охрабрувајќи ве да ја продолжите вашата мисија со вера и великодушност“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот