Папата: Информацијата не смее да се претвори во пропаганда, особено во време на војна

Папата: Информацијата не смее да се претвори во пропаганда, особено во време на војна

Папата Лав XIV се сретна со италијански новинари од информативната редакција TG2 и предупреди дека медиумите не смеат да станат „мегафон“ на моќта, особено во време на конфликт.

Во време на војна, медиумите треба да ги прикажуваат конфликтите од човечка перспектива, од гледиштето на оние што страдаат, и да избегнат да станат „мегафон“ на моќта, рече папата Лав XIV во понеделник 16 март 2026 година.

„Секогаш, но особено во драматичните околности на војна какви што ги доживуваме, информацијата мора да се чува од ризикот да се претвори во пропаганда“, рече тој во обраќањето до новинарите од информативната емисија TG2 на државната италијанска телевизија Rai 2.

Во овие услови на конфликт, „задачата на новинарите, да ја проверуваат веста за да не станат мегафон на моќта, станува уште поитна и почувствителна, и навистина суштинска“, продолжи Папата.

Тој нагласи дека должност на медиумите е „да го покажат страдањето што војната секогаш им го носи на народите, да го покажат лицето на војната и да ја раскажат преку очите на жртвите, за да не се претвори во видео-игра“.

Папата призна дека „не е лесно тоа да се направи во неколкуте минути телевизиска вест и во анализите што следат“, но подвлече дека „токму тоа е предизвикот“.

Папата се сретна со редакцијата на TG2 во Ватикан по повод 50-годишнината од основањето на емисијата во 1976 година.

Технологијата не може да го замени критичкото расудување

Осврнувајќи се на јубилејот, Папата ја истакна важноста медиумите да ја задржат човечката перспектива во услови на брз технолошки напредок.

Тој потсети дека во последните децении се случиле бројни промени во телевизиското новинарство, како што е „преминот од аналогно кон дигитално“.

Во таа смисла нагласи „дека ниту една технолошка иновација не може да ја замени креативноста, критичкото расудување и слободата на мислата“.

„Бидејќи предизвикот на нашето време е вештачката интелигенција, мислам на потребата комуникацијата да се уредува според човечкиот, а не според технолошкиот модел“, објасни тој, додавајќи дека тоа „на крај значи да се знае да се разликуваат средствата од целите“.

Отвореност во ера на поларизација

Продолжувајќи во истиот правец, Папата ја нагласи важноста на отвореноста во медиумите и опасноста да се бара само потврда на сопствените ставови.

Тој ги пофали новинарите на TG2 за нивниот „секуларизам и плурализам на извори“, дури и во државната телевизија. Секуларизмот го опиша како „отфрлање на идеолошките предрасуди и како отворен, непристрасен поглед кон стварноста“.

„Сите знаеме колку е тешко да дозволиме да нè изненадат фактите, средбите, перспективите и гласовите на другите; колку е силно искушението да бараме, да гледаме и да слушаме само она што ги потврдува нашите мислења“, рече тој.

„Но, нема добра комуникација, ниту вистинска слобода и здрав плурализам, без таква отвореност.“

Папата истакна дека „во текот на историјата на TG2, коегзистирале различни културни перспективи“, и дека таа разновидност, „особено кога е поттикната од дух на пријателство, била дополнителна вредност“ за идентитетот на емисијата.

Таа разновидност е „извор на богатство и пример на дијалог што и денес може многу да нè научи, во ера во која доминираат поларизацијата, идеолошката затвореност и слоганите што нè спречуваат да ја видиме и да ја разбереме сложеноста на стварноста“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот