Папата: Иднината на човештвото е во братството, а не во воените стратегии

Папата: Иднината на човештвото е во братството, а не во воените стратегии

По молитвата Ангел Господов, папата Лав XIV повика на молитва за мир и се осврна на насилството што во изминатите денови повторно се разгоре во Нигерија. Потсети и на Светскиот ден на борбата против трговијата со луѓе, а изрази близина со народите на Португалија, Мароко, Шпанија и Италија, погодени од поплави и свлечишта.

Да продолжиме да се молиме за мир. Стратегиите на економска и воена моќ, како што нѐ учи историјата, не му обезбедуваат иднина на човештвото. Иднината е во почитта и братството меѓу народите.

Ова е пораката на папата Лав XIV, која во недела, 8 февруари 2026 година, по молитвата Ангел Господов, ја упати од прозорецот на Апостолската палата до верниците собрани на плоштадот Свети Петар.

Близина со Нигерија

Во мислите на Папата особено е насилството во Нигерија, која е потресена од внатрешни судири. Имено, за само неколку дена, во два напади во сојузната држава Бенуе загинаа 30 лица, додека повеќе од 50 беа киднапирани во напади врз четири различни села во сојузната држава Кадуна. Со тага и загриженост дознав за неодамнешните напади врз повеќе заедници во Нигерија, кои предизвикаа големи загуби на човечки животи, рече Папата и додаде:

Ја изразувам мојата молитвена близина со сите жртви на насилството и тероризмот. Се надевам дека надлежните власти ќе продолжат решително да работат за обезбедување сигурност и заштита на секој граѓанин.

Солидарност со населението погодено од поплави и свлечишта

Папата исто така ја изрази својата близина со населението во Португалија, Мароко, Шпанија, особено со Гразалема во Андалузија, како и во јужна Италија, погодени од поплави и одрони. Во италијанскиот град Нишеми, во покраината Калтанисета, населението од 25 јануари се соочува со големо свлечиште, предизвикано од постојани дождови и глинеста почва во близина на градот. Властите проценуваат дека се раселени повеќе од 1500 лица.

Ги поттикнувам заедниците да останат обединети и солидарни, под мајчинската заштита на Пресвета Дева Марија.

Светски ден на борбата против трговијата со луѓе: Мирот започнува со достоинството

Папата Лав го спомена и Светскиот ден на молитва и размислување во борбата против трговијата со луѓе, чија тема годинава гласи: „Мирот започнува со достоинството. Повик за запирање на трговијата со луѓе“. Овој ден се одбележува на споменот на света Јозефина Бакита, млада Суданка и симбол на ослободувањето од ропството. Според податоците на Обединетите нации, овој феномен погодува приближно 27 милиони луѓе, главно жени, малолетници, мигранти и оние што се принудени на бегство поради конфликти и климатски промени.

Им благодарам на монахињите и на сите што се залагаат за борба и искоренување на современите облици на ропство. Заедно со нив велам: мирот започнува со достоинството!

Примерот на дон Салваторе Валера Пара

Светиот Отец потоа го спомена дон Салваторе Валера Пара, кој вчера, на 7 февруари, беше прогласен за блажен во Хуеркал Овера, во Шпанија. Обредот го предводеше кардинал Марчело Семераро, префект на Дикастеријата за прогласување светци. Тој беше парох целосно посветен на својот народ, понизен и внимателен во пасторалната љубов, рече Папата и поттикна:

Неговиот пример, како свештеник насочен кон суштинското, нека ги вдахнови денешните свештеници да бидат верни во својот секојдневен живот, живеен во едноставност и скромност.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот