Папата: Заедно донесуваме светлина таму каде што очајот се обидува да преовлада

Папата: Заедно донесуваме светлина таму каде што очајот се обидува да преовлада

Во говорот пред екуменската делегација од Финска, која пристигна во Рим по повод празникот на Свети Хенри, по кого е именувана Хелсиншката катедрала, Папата ја пофали земјата како модел на екуменизам. Тој, исто така, ја истакна вредноста на заедничката православно-лутеранско-католичка изјава за промоција на развојот на палијативната грижа и грижата на крајот од животот.

Итноста да се донесе Господовата светлина дури и до најтемните периферии на светот, каде што често е присутно искушението да се подлегне на очајот, поминува низ заедничките намери, а Финска е вистински пример ова. Папата Лав XIV го нагласи ова во говорот што го одржа во понеделник 19 јануари 2026 година, на англиски јазик, примајќи ја во аудиенција екуменска делегација од Финска која пристигна во Рим за да го прослави празникот Свети Хенри, по кого е именувана катедралата во главниот град Хелсинки.

Коренот на христијанското братство

Светиот Отец истакна дека нивната посета се одвива за време на Молитвената осмина за единство на христијаните, чие овогодишно мото е цитат од Павловото писмо до Ефесјаните: „Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање!“ Ова е желба што има свои корени во едното крштевање за простување на гревовите, како што е наведено во Никејскиот символ на верата, и претставува корен на секое христијанско братство – нагласи Римскиот епископ, додавајќи:

Во време кога луѓето често се искушувани од еден вид очај, ние имаме важна мисија, како христијански гласници на надежта, да ја донесеме Господовата светлина во најтемните делови од нашиот свет. Иако Јубилејот на надежта неодамна заврши со затворањето на Светата врата во базиликата „Свети Петар“, нашата христијанска надеж не познава крај ниту граница.

Финска е модел за екуменизам

Охрабрен и зајакнат од благодатта на Исус како воплотение на нашата заедничка надеж, Петровиот наследник поттикна да сведочиме за оваа спасоносна вистина преку охрабрувачки зборови и дела на љубов. Конкретни знаци на таква посветеност се видливи меѓу христијаните во Финска, земја што Папата ја нарече модел за екуменизам. Затоа додаде:

Знам, имено, дека епископите од Хелсинки, во заедничка православно-лутеранско-католичка изјава, се стремат да промовираат култура на надеж, достоинство и сочувство и дека заеднички нагласија дека развојот на палијативната грижа и грижата на крајот од животот мора да продолжи.

Дијалог меѓу католиците и лутераните

Светиот Отец, исто така, потсети на изјавата на Скандинавската бискупска конференција во врска со текстот „Заедништво во раст“, уреден од Националниот католичко-лутерански дијалог, нарекувајќи го вредна етапа на екуменскиот пат. Тој додаде:

Ваквите примери на соработка, заедно со долгата традиција на заедничко славење на празникот Свети Хенри, се елоквентни знаци на практичен и плоден екуменизам.

Папата Лав XIV на крајот, потсети на почетокот на шестата фаза од Меѓународниот католичко-лутерански дијалог, закажан за следниот месец, нагласувајќи го значајниот придонес што позитивните искуства од финскиот екуменизам можат да го дадат во меѓународниот дијалог.

750 години од Туркуската надбискупија

Лутеранскиот надбискуп Тапио Луома од надбискупијата Турку и Финска му се обрати на Светиот Отец во неговото поздравно обраќање, потсетувајќи дека оваа година се одбележува 750-годишнината од доаѓањето на христијанството во Финска и основањето на надбискупијата Турку, град на југозападниот брег на земјата. Финска беше поинаква пред 750 години, но едно нешто остана исто: Луѓето отсекогаш барале смисла, поврзаност и надеж. Свети Оче, вашите пораки во кои ја нагласувате важноста на владеењето на правото и човечкото достоинство се примени со големо одобрување во наше време. Сè уште има многу да се направи во овој ранет свет, кој копнее по спокојство и мир – нагласи надбискупот.

Надбискупот Луома на крајот потсети на екуменскиот ангажман на финските цркви, нагласувајќи дека тие планираат доктринарни дијалози со католиците и православните христијани, како и подготовки за заедничко одбележување на годишнината од Аугсбуршката вероисповед. Сепак, сакаме да промовираме и разбирање и мир со другите религии, како и во рамките на финското општество – заклучи финскиот надбискуп.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот