Папата: Еколошкиот предизвик на нашето време е поитен од кога било

Папата: Еколошкиот предизвик на нашето време е поитен од кога било

На средбата со „Хера Груп“, италијанска мултикомунална компанија која управува и со еколошките услуги во Ватикан, папата Лав XIV повторно ја истакна важноста од создавањето „култура на грижа“, како одговор на „културата на фрлање“ што сè повеќе го проникнува нашиот однос кон светот и неговите ресурси.

„Еколошкиот предизвик на нашето време е навистина поитен од кога било“, рече папата Лав XIV на средбата со делегација на италијанската мултикомунална компанија што работи и во Ватикан, на 1 октомври 2026 година.

„Наместо секој употребен предмет едноставно да го сметаме за отпад, треба да го промениме нашето однесување и да тргнеме по поинаков пат. Во суштина, тоа значи да се оддалечиме од потрошувачкиот модел и да преминеме кон производствен систем способен да ги зачува ограничените ресурси на нашата планета“, им рече Папата на претставниците на „Хера Груп“.

„Хера Груп“ е италијанска мултикомунална компанија која се занимава со управување со отпад, како и со дистрибуција на гас, вода и енергија. Одржливоста, циркуларната економија и заштитата на животната средина се меѓу главните области на нејзиното дејствување.

Од декември 2025 година компанијата управува и со еколошките услуги во Ватикан, по склучувањето договор со Управата на Државата Ватикан.

Компанијата се занимава со собирање, транспорт, преработка и отстранување отпад, користејќи и еколошки возила, меѓу кои и електрично возило кое од април 2026 година се користи за собирање отпад на плоштадот „Свети Петар“.

За време на Јубилејната 2025 година, „Хера Груп“ започна и иницијативи за рециклирање пластика, во согласност со насоките од енцикликата Laudato si’ на папата Фрањо.

На културата на фрлање да ѝ се спротивстави културата на грижа

Во своето обраќање, папата Лав XIV рече дека со задоволство ја прима делегацијата, бидејќи средбата претставува „можност уште еднаш да се нагласи важноста на нашата одговорност за заштита на созданието“.

Тој им се заблагодари за работата во областа на рециклирањето, „вклучително и во Ватикан“, истакнувајќи дека таа „сведочи дека на културата на фрлање може успешно да ѝ се спротивстави културата на грижа“.

„Оваа култура не се однесува само на предметите и производите, туку од нив се проширува и на човечкиот труд, а од трудот и на самите луѓе. Всушност, ние сме тие што го населуваме светот и кои, преку нашите одлуки и постапки, го живееме како дар од Бога.“

Христијаните не можат да се помират со културата на отпад

Папата посочи дека денес, од една страна, „сведоци сме на неконтролирана потрошувачка на ресурси“, додека од друга страна „управувањето и отстранувањето на огромни количества отпад стануваат сè попроблематични“.

Тој повика на промена на начинот на кој постапуваме, со цел да се создаде систем способен да ги зачува ресурсите на нашата планета, и нагласи дека „свесни за Божјата заповед, како христијани не можеме да се помириме со прифаќањето на културата на отпад“.

„Напротив, повикани сме мудро да го користиме созданието“, нагласи Папата.

„Како што поучуваше папата Фрањо, моделот на рециклирање и циркуларно производство претставува добар начин да се обезбеди одржлива животна средина за идните генерации“, продолжи тој, повикувајќи ја Црквата „да даде пример на доследност“ и „прва да го спроведува во пракса она што самата го навестува“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот