Во четврток, на 9 јануари 2025 година, папата Фрањо ги прими членовите на Дипломатскиот кор акредитирани во Светиот Престол во традиционална новогодишна аудиенција и ги поттикна на дијалог со сите за да се раскинат синџирите на омразата. Тој повторно ја осуди војната, срамната ситуација во Газа, тероризмот во Германија и САД, антисемитизмот, верскиот прогон, неприфатливото право на абортус, опасностите од новите технологии и културата на отуѓување. Папата повика на мир за Украина и на Блискиот Исток и на „дипломатија на надежта.“
Во своето традиционално новогодишно обраќање до членовите на Дипломатскиот кор акредитирани во Светиот Престол, папата Фрањо истакна дека тие се среќаваат во момент кога со нивното присуство симболично се собира семејството на сите народи. Како што рече, „разменувајќи братски желби зад себе ги оставаме кавгите кои не разделуваат и повторно го откриваме она што нѐ обединува“. Потоа додаде:
На почетокот на оваа година, која има особено значење за Католичката црква, нашиот собир има посебна симболична вредност. Целта на јубилејот е да се „одмориме“ од френетичноста која сè повеќе го карактеризира секојдневието, да се освежиме и нахраниме со она што е навистина важно: повторно да се откриеме како деца Божји и браќа во Него, да ги простуваме навредите, да ги поддржуваме слабите и сиромашните, да ја оставиме земјата да се одмори, да постигнеме правда и повторно да ја пронајдеме надежта. На ова се повикани сите кои му служат на општото добро и практикуваат политика, која е најблагородната форма на љубовта.
Остатокот од долгиот говор на Папата, поради неговата настинка, го прочита секретарот на Дикастеријата за источни цркви, монс. Филипо Чампанели. Во својот говор Папата потсети дека минатата година ги посети Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур, Белгија и Луксембург и Корзика. Воедно, тој им се заблагодари на сите кои придонесоа за посвеченото одбележување на Јубилејот во Рим.
Конфликти, поларизации, лажни вести
„Во многу земји има се повеќе и повеќе социјални конфликти. Исто така, гледаме дека во многу земји има зголемени социјални и политички контексти отежнати со растечките контрасти. Соочени сме со зголемена поларизација, во која постои општо чувство на страв и недоверба кон нашите соседи и кон иднината, тоа се влошува со постојаното создавање и ширење на лажни вести кои не само што ја искривуваат реалноста, туку на крајот ја искривуваат и совеста, поттикнувајќи лажни перцепции за реалноста и создавајќи атмосфера на сомнеж што поттикнува омраза, ја загрозува безбедноста на луѓето и го компромитира граѓанскиот соживот и стабилноста на цели народи“, предупреди Светиот Отец, потсетувајќи на неодамнешните масовни напади во Магдебург и Њу Орлеанс и атентатот на словачкиот премиер и новоизбраниот американски претседател.
„Моја желба за новата година е Јубилејот да биде за сите, христијани и нехристијани, можност да размислуваме за односите што нѐ поврзуваат и како да бидеме хумани и да живееме во политичка заедница, како да ја надминеме логиката на конфликтот и, наместо тоа, да ја прифатиме логиката на средбата. Времето што претстои нема да најде очајни скитници, туку ходочесници на надежта, односно луѓе и заедници во движење, посветени на градењето на иднината на мирот“, истакна папата Фрањо.
Дијалог со сите
Тој додаде дека повикот на дипломатијата е да се поттикне дијалог со сите, вклучително и со соговорниците кои се сметаат за „непријатни“. „Тоа е единствениот начин да се раскинат синџирите на омразата и одмаздата што ги заробуваат и да се деактивираат бомбите на себичноста, човечката гордост и ароганција, што е коренот на секоја воинствена волја што уништува“, истакнува Папата во овогодинешниот говор и продолжува: „Затоа би сакал да укажам на некои одговорности што секој политички лидер треба да ги има во предвид при извршувањето на своите обврски, а кои треба да бидат насочени кон градењето на општото добро и интегралниот развој на секој човек“.
Како што рече, тоа е пред сѐ да им се донесе Радосната вест на сиромашните. „Несреќите на нашето време се многубројни. Никогаш порано човештвото не доживеало напредок, развој и богатство како во ова време, но можеби никогаш како денес човештвото не било толку осамено и изгубено што често повеќе ги сака домашните миленици отколку децата. Сите луѓе – вклучувајќи ги и оние кои не се верници – можат да бидат носители на пораката на надежта и вистината, бидејќи луѓето се обдарени со вроден копнеж за вистината“.
Комуникациските средства и вештачката интелигенција
Светиот Отец затоа предупреди на тенденцијата да се создаде сопствена „вистина“ и занемарувањето на објективната вистина, за што може да придонесат современите средства за комуникација и злоупотребата на вештачката интелигенција и научниот напредок, чии ограничувања често придонесуваат за поларизација, стеснување на менталната перспектива, поедноставување на реалноста, ризик од злоупотреба и – парадоксално – изолација.
Папата истакна дека комуникацијата, дијалогот и застапувањето за општото добро бараат добра волја и употреба на заеднички јазик. „Ова е исклучително важно во дипломатската сфера, особено во мултилатералниот контекст. Од овој услов зависи влијанието и успехот на секој збор, декларација, резолуција и генерално преговарачки текстови“.
„Токму поради тоа посебно загрижува обидот да се искористат мултилатералните документи – кои го менуваат значењето на поимите или еднострано реинтерпретирање на содржината на договорите за човекови права – и воведувањето идеологии кои ги делат луѓето, ги газат вредностите и верата на народите. Ова е навистина вистинска идеолошка колонизација која се обидува да ја искорени традицијата, историјата и во овој контекст, неприфатливо е, на пример, да се зборува за таканареченото „право на абортус“, кое е во спротивност со човековите права, а особено со правото на живот во секој момент, од зачнувањето до природната смрт, бидејќи ниту едно дете не е грешка или вина што постои, како што ниту еден стар или болен не може да се лиши од надежта и да се отфрли!“, нагласи Светиот Отец.
Дипломатија на надежта
Папата потсети и на добрите примери на соработка меѓу народите, како што е мировниот договор потпишан од Аргентина и Чиле во Ватикан на крајот на ноември 1984 година и додаде дека „дипломатијата на надеж и дипломатијата на простување се способни, во време полно со отворени или латентни конфликти, на повторно ткаење на односите расипани од омразата и насилството, и на тој начин ги врзуваат раните на скршените срца“.
Тој го повтори својот апел парите што се даваат за оружје и други воени трошоци да се искористат за да се формира глобален фонд за евентуална елиминација на гладот и развој на најсиромашните земји, со цел нивните жители да не прибегнуваат кон насилни решенија и да бидат принудени да ги напуштат своите земјите за да најдат подостоинствен живот. Така, тој спомна различни конфликти на африканскиот континент, особено во Судан, во Сахел, во Рогот на Африка, во Мозамбик, Демократска Република Конго, но и во Сирија, Либан и Мјанмар, Хаити, Венецуела, Боливија и Никарагва, каде Светиот Престол со загриженост ги следи мерките преземени кон црковните институции и верниците. Тој изрази надеж дека оваа година меѓународната заедница ќе работи на конечно запирање на тригодишната војна во напатената Украина и конфликтот во Израел.
Ново ропство
„Христијаните можат и сакаат активно да придонесат во изградбата на општеството во кое живеат. Дури и таму каде што не се мнозинство во општеството, тие се полноправни граѓани, особено во земјите каде што живеат уште од античко време“, посочи Светиот Отец. Последниот акцент на неговиот говор беше повикот да се прогласи слобода на заробениците, наведувајќи различни заробеништво како што се зависност од дрога и трговија со луѓе. „Почитувани амбасадори, од христијанска перспектива, Јубилејот е време на благодатта и колку би сакал оваа 2025 година навистина да биде година на благодатта, полна со вистина, простување, слобода, правда и мир!“, заклучи Светиот Отец.
На крајот, да додадеме дека Светиот Престол во моментов има целосни дипломатски односи со 184 земји, Европската унија и Суверениот витешки ред на Малта, и дека минатата година беа потпишани или унапредени договорите со Буркина Фасо, Чешка и Народна Република Кина.
Ватикан њуз/к.мк