Папата до уметниците: Придружете им се во нивната потрага по вистинска среќа

Папата до уметниците: Придружете им се во нивната потрага по вистинска среќа

Папата Лав XIV прими на аудиенција музичари, актерки и водителки кои ќе учествуваат во анимацијата на бдението во рамките на Јубилејот на малди во Тор Вергата. Музиката, танцот и различните облици на уметност, подвлече Светиот Отец, се дарови што ни ги дал Господ, а ова попладне е дар за сите нас и за целата Црква.

Додека илјадници млади веќе пристигнаа на рамнината во римскиот кварт Тор Вергата за да ги поминат последните два дена од нивниот Јубилеј, обележан со молитвено бдение со Папата вечерва и со завршна света Литургија утре, Папата Лав XIV, денес на 2 август, се сретна со музичари, актерки и водителки кои ќе го анимираат настанот пред пристигнувањето на Светиот Отец, закажано околу 20 часот. Анимирањето ќе започне од 15 часот. На средбата присуствуваше и надбискупот Рино Физикела, пропрефект на Дикастеријата за евангелизација, кој во својот краток поздрав потсети дека присутните уметници ќе ги анимираат младите кои веќе се на пат кон местото на бдението, а дел од нив веќе пристигнаа.

Музика, танц и уметност – дарови од Господ

Светиот Отец, кој оваа средба ја опиша како семејна, лично посака да се сретне со уметниците пред настанот, истакнувајќи ја убавината на уметноста, музиката и сите дарови што ги поседуваат и кои ќе ги споделат со речиси милион млади луѓе што овие денови се собраа во Рим од различни краишта на светот.

„За мене е привилегија и благослов да учествувам во оваа мисија, во оваа служба, како епископ на Рим, како наследник на апостол Петар“, рече Папата и додаде:

„Познавајќи ја пред сè верата, ентузијазмот и радоста што ја споделуваме и што ѝ даваат глас на желба што ја носиме во срцето – желбата за среќа, за радост и љубов – ние ја живееме верата преку даровите што Господ ни ги дарувал: музиката, танцот и многубројните уметнички изрази што ќе ги споделите со младите ова попладне. Тоа е вистински дар, за сите нас и за целата Црква.“

Вистинската радост се наоѓа во Христос

Папата Лав XIV ја заврши средбата со молитва и благодарност до уметниците кои ќе го оживеат бдението:

„Се молам Господ да ве благослови и да ви помогне да ги придружувате овие млади луѓе, кои жеднеат по вистинска радост, по вистинска среќа – онаа што сите ја наоѓаме во Исус Христос.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот