На аудиенција со членовите на Светиот синод на Украинската источно-католичка црква, папата Лав XIV потсети на должноста на епископите „да му служат на Христос во секоја ранета и страдална личност која се обраќа на вашите заедници за конкретна помош“ и се помоли мирот што поскоро да се врати во Украина.
Во среда 2 јули 2025 година, папата Лав XIV ги прими членовите на Светиот синод на епископите на Украинската источно-католичка црква, кој оваа недела се одржува во Рим.
Светиот синод ги опфаќа сите епископи на Украинската источно-католичка црква и, заедно со Поглаварот на Црквата – во моментов големиот надбискуп Свјатослав Шевчук – претставува највисок авторитет на Украинската црква со статус sui iuris, манифестирајќи го нејзиното црковно единство и заедништво.
Сведоштвото за верата и надежта – знак на Божјата сила
Во своето обраќање до собраните епископи, Папата истакна дека Синодот се одржува во контекст на Јубилејната година, „која го повикува целиот Божји народ на обнова во надежта“.
Сепак, додека „надежта, пак, не посрамува, зашто љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети, Кој ни беше даден“ (Римјаните 5,5), тешко е да се зборува за надеж среде војната што ја разорува Украина. „Не е лесно да се најдат зборови на утеха за семејствата кои ги изгубиле своите најблиски во оваа бесмислена војна“, рече Папата, особено за епископите кои секојдневно се среќаваат со луѓе ранети, повредени во душата и телото.
И покрај сè, папата Лав подвлече дека бројните сведоштва за верата и надежта се „знак на Божјата сила што се објавува среде урнатините на уништувањето“.
Да останеме обединети во верата и надежта
Сознавајќи за бројните црковни и хуманитарни предизвици со кои се соочуваат епископите, Светиот Отец ги потсети на нивната пастирска должност „да му служат на Христос во секоја ранета и страдална личност која се обраќа кон вашите заедници за конкретна помош“.
Изразувајќи ја својата духовна близина со нив и со целиот украински источно-католички народ, Папата ги повика да останат цврсти и обединети „во една вера и една надеж“. Тој ја истакна „големата тајна на заедништвото“ која нè поврзува со сите, дури и со оние чии животи се прекинати на овој свет, но кои се примени од Бога. „Во Него“, рече Папата, „сè живее и ја наоѓа својата полна смисла“.
Своето обраќање папата Лав го заврши со молитва, преку застапништвото на Пресвета Богородица, просејќи мирот што е можно поскоро да се врати во Украина.
Ватикан њуз/к.мк