Папата до монахињите: Светот има потреба од посветени жени

Папата до монахињите: Светот има потреба од посветени жени

Во своето обраќање до посветените жени кои учествуваа на Генералните собранија на своите заедници, како и до група кармелитски монахињи од Светата Земја, Папата Лав XIV им оддаде признание на сите жени што се одѕиваат на Божјиот повик. Тој особено го истакна сведоштвото на кармелитките од Светата Земја, кои и во услови на прогонство и страдање остануваат верни на својот молитвен подвиг за мир.

Папата Лав XIV, вдахновен од зборовите на Книгата Изреки: „Кој може да најде доблеста жена? Нејзината вредност е поголема од бисерите“, се осврна на историјата на женските монашки заедници. Во таа историја, нагласи тој, се среќаваат „силни и храбри жени“ кои први го прифатиле Божјиот повик и го трасирале патот за идните генерации. Тие, следејќи го Христос во сиромаштво, чистота и послушност, го продолжиле делото и понекогаш ја сведочеле верата дури и со маченичка смрт.

Верноста, нагласи Светиот Отец, е дар од Христос, длабоко вкоренет во аскетизмот, молитвата, светотаинскиот живот и блискоста со Божјото слово. Таа верност е темел на монашкото служење – било созерцателно, било активно – и покажува дека животот со Бога не е бегство од светот, туку сила што ја преобразува стварноста.

Папата ги охрабри сестрите да останат понизни и да ја положат својата сила во Бога, за да можат повторно да се вратат во служба на луѓето во секојдневниот живот. Тој ги потсети дека светот денес има потреба од „посветени жени“, исто како што тоа било неопходно и во времето на основачите на нивните заедници – Реџина Протман, Марија Гертруда од Скапоцената Крв, Мари-Ан де Тили со отец Луј Шовет, Света Тереза од Авила и пустиниците од планината Кармел.

„Вашето присуство денес е наследство од тие основачи,“ рече Папата, „и токму тоа го прави толку значајно и нужно.“

На крајот од своето обраќање, Папата Лав посебно се задржа на сведоштвото на кармелитките од Светата Земја. Тој го опиша нивното „будно и тивко присуство во места ранети од омраза и насилство“ како знак на доверба во Божјата промисла и постојана молитва за мир.

„Сите ние ве придружуваме со молитви,“ рече Папата, „и преку вас се доближуваме до сите кои страдаат.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот