Папата Лав XIV отпатува до маријанското светилиште на Пресвета Богородица од Милоста во едно село во рамките на бискупијата Палестрина и одржа приватна средба со членови од Конгрегацијата на Воскресенците, кои се грижат за светилиштето.
На 19 август 2025 година, папата Лав XIV беше во приватна посета на светилиштето на Пресвета Богородица во Менторела – во селото Гваданголо, дел од Капраника Пренестина, во бискупијата Палестрина.
Откако се задржа во молитва, а пред да се врати во папската резиденција во Кастел Гандолфо Светиот Отец се сретна со полските членови од Конгрегацијата на Воскресенците, кои служат во светилиштето.
Светилиште на Пресвета Богородица од Милоста
Менторела се наоѓа на околу 65 километри југоисточно од Рим и се наоѓа на врвот на планина. Светилиштето има посебна поврзаност со неколку Папи. Папата Иван Павле II, само девет дена по неговиот избор за Папа, ходочестеше во светилиштето. Папата Бенедикт XVI го посети светилиштето во 2005 година, а папата Инокентиј XIII (1721–1724) побарал неговото срце да биде погребано таму.
Според преданието, тоа е местото каде што Свети Евстахиј во 2 век се преобратил. Двесте години подоцна, царот Константин изградил базилика на местото на неговото преобраќање, а била осветена од папата Силвестер I во годините пред 335 година.
Два века подоцна, во 500-тите години, земјата преминала под управата на монасите од Субиако. Во средината на 13 век била создадена дрвена икона на Пресвета Богородица, која и денес се наоѓа во црквата.
Откако бенедиктинците ја напуштиле областа во 14 век, папата Пиј IX во 1857 година ја довери грижата за светилиштето на Конгрегацијата на Воскресенците.
Ватикан њуз/к.мк