Папата ги посети сестрите Августинки и се присети на трајното сведоштво на мачеништвото

Папата ги посети сестрите Августинки и се присети на трајното сведоштво на мачеништвото

Во приватна посета на заедницата што ја водат сестрите Августинки Мисионерки во Алжир, папата Лав XIV го истакна трајното сведоштво на мачеништвото и повика на обновена посветеност на мирот, достоинството и почитувањето на различностите.

По посетата на џамијата во Алжир во понеделник попладне, 13 април 2026 година, папата Лав XIV оствари приватна посета на Центарот за добредојде и пријателство на сестрите Августинки Мисионерки, за да им оддаде почит на чесните сестри убиени за време на алжирската граѓанска војна и да им изрази благодарност на сестрите за нивната добротворна работа.

Папата беше пречекан од заедницата сместена во квартот Баб ел Уед, на околу 16 километри од градот Алжир.

За време на посетата, тој застана во молитва со сестрите и се сретна со оние што и денес ја продолжуваат својата мисија на гостопримство, образование и пријателство, во средина обележана со сеќавање и помирување.

Посетата на папата Лав XIV беше особено посветена на споменот на двете чесни сестри од заедницата, кои беа меѓу деветнаесеттемина маченици на Алжир, убиени меѓу 1994 и 1996 година, за време на граѓанската војна.

Сестра Естер Панијагва Алонсо и сестра Каридад Алварез Мартин беа убиени на 23 октомври 1994 година, за време на таканаречената „црна деценија“, како што се нарекува Алжирската граѓанска војна, додека биле на пат за света Литургија.

Сведоштво до мачеништво

Според соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Папата се осврнал на нивното сведоштво во рамките на поширокото сведоштво на алжирските маченици, истакнувајќи дека нивните животи изразуваат димензија длабоко вкоренета во августинската духовност: сведоштво сè до мачеништво.

„Вашето присуство тука значи многу“, рече тој, присетувајќи се на својата претходна посета, и говореше за дарот што Свети Августин го претставува за овој дел од светот, промовирајќи „почитување на достоинството на секоја личност“ и покажувајќи дека „можно е да се живее во мир, вреднувајќи ги различностите“.

До почетокот на деведесеттите години, ова била заедницата во која живееле сестрите Августинки Мисионерки и од која двете сестри маченички појделе во својата секојдневна мисија. Нивниот спомен, потсети Папата, останува живо присуство кое и понатаму го осветлува значењето на христијанското сведоштво.

На крајот од средбата, папата Лав XIV им се заблагодари на сестрите за нивната служба и ги охрабри да истраат во својата мисија. Тој потсети и дека споменот на деветнаесеттемина маченици на Алжир се празнува на 8 мај, истиот ден кога бил избран за Папа, поврзувајќи го нивниот спомен со заедничкиот духовен хоризонт на сведоштво и надеж.

Центарот за добредојде и пријателство

Овој центар денес го водат две од трите чесни сестри што живеат во куќата кај Нотр Дам д’Африк во Алжир. Тој служи како место на средба, отворено за локалното население, нудејќи секојдневни активности што се одвиваат со помош на стручни наставници од различни националности.

Меѓу тие активности се вбројуваат поддршка за деца по училиште, курсеви по француски и шпански јазик за млади и возрасни, како и работилници за жени, на кои се учат шиење, плетење, сликање и изработка на накит.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот