На 15 април 2025 година, Канцеларијата за печат на Светиот Престол соопшти за здравствената состојба на папата Фрањо, кој се опоравува во Домот Света Марта: постигнато е дополнително подобрување при дишењето, моторните вештини и гласот. Употребата на кислород со висок проток сега е повремена и ограничена на „терапевтски цели“, додека подолгите периоди без оксигенација се сè почести.
Постигнато е дополнително подобрување при дишењето, моторните вештини и гласот. Ова се најновите вести објавени на 15 април 2025 година, од Канцеларијата за печат на Светиот Престол во врска со здравствената состојба на папата Фрањо, кој од 23 март се опоравува во Домот Света Марта, откако беше отпуштен од поликлиниката Гемели. Папата продолжува да работи и ги подготви медитациите за овогодинешниот Крстен пат во Колосеумот, кои ќе бидат објавени во петок, на 18 април во 12 часот.
Средби и терапии
Во својата ватиканска резиденција, Папата продолжува со пократки работни средби со управителите од Куријата, како и со физичка и респираторна терапија. Употребата на високопроточна оксигенација е повремена и за терапевтски цели, секогаш во вечерните часови и по потреба, а има подолги периоди во кои на папата Фрањо не му се потребни канили за кислород.
Славења во Светата недела
Канцеларијата за печат даде и одредени информации за славењата во Светата недела. Светата Литургија со осветувањето на миро, закажани за Велики Четврток наутро, ќе ја предводи кардиналот Доменико Калкањо, почесен претседател на Управата за добра на Апостолскиот Престол (АПСА). Службата Мака Господова ќе ја предводи кардинал Клаудио Гуџероти, префект на Дикастеријата за Источни цркви. Крстниот пат во Колосеумот ќе го предводи кардиналот Балдо Реина, генерален викар за Римската бискупија. Самиот Папа – посочуваат од Канцеларијата за печат на Светиот Престол – ги назначува кардиналите кои ќе ги водат обредите. Сè уште нема индикации за неговото присуство на обредите на Велигденскиот Тридуум.
Следниот брифинг е закажан за в петок.
Ватикан њуз/к.мк