Папата во Уругвај: „Повикани сме секогаш одново да се враќаме кaj Господ“

Папата во Уругвај: „Повикани сме секогаш одново да се враќаме кaj Господ“

На Вечерната во Монтевидео, папата Лав XIV ги повика епископите, свештениците, ѓаконите, богопосветените лица и семинаристите постојано да се враќаат кaj Исус Христос. Од катедралата во главниот град на Уругвај, Светиот Отец упати и повик до целата Црква да се моли и да пости за нови свештенички и богопосветени звања.

„Верноста кон нашиот повик бара секогаш одново да се враќаме кaj Исус Христос, да Му дозволиме Тој да биде нашето богатство, Оној на Кого сакаме да личиме“, рече папата Лав XIV во Митрополитската катедрала на Безгрешното зачнување и Светите Филип и Јаков.

Папата изрази радост поради младите кои веќе го започнале својот пат во семинаријата или богопосветениот живот и ги охрабри да истраат во својот одговор на Христовиот повик.

„Во овие плодови препознајте доказ дека Бог ги слуша молитвите на Својот народ“, рече Светиот Отец.

Од Монтевидео тој ги повика епископите ширум светот во своите епархии да поттикнуваат денови на молитва и пост за зголемување на звањата за свештенството и богопосветениот живот. Во молитвата, рече тој, треба да се вклучат парохиите, семејствата и верските заедници.

На семинаристите и на оние што го започнуваат богопосветениот живот им порача да учат од примерот на оние кои веќе долго време му служат на Господ.

„Погледнете ги нивните истрошени раце, нивната истрајна љубов и начинот на кој се однесуваат со Исус. Од нив научете ја таа близина со Господ.“

Папата ги повика сите да ја негуваат тишината на молитвата, слушањето на Божјото слово и средбата со Христос во Евхаристијата. Во таа близина, нагласи тој, се обновува љубовта со која човекот некогаш одлучил да Му го дарува својот живот.

Осврнувајќи се на примерот на блажени Хасинто Вера, првиот епископ на Уругвај, Папата истакна дека неговиот однос со Бога го обликувал целиот негов живот, неговите dela и начинот на кој им пристапувал на луѓето.

„Една од тајните на евангелизацијата е да личиме на Оној Кого Го навестуваме“, нагласи папата Лав XIV.

Тој потсети дека Христос преку животот на верниците сака да допре до многу луѓе, особено до оние кои малку го познаваат Евангелието.

На крајот Папата ја довери оваа молитва на Пресвета Богородица на Триесет и Тројцата, заштитничка на Уругвај, молејќи ја да им помогне на верниците секогаш да ги чуваат своите срца близу до нејзиниот Син.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот