На средбата со жителите на сиромашната населба Касавале во Уругвај, папата Лав XIV порача дека христијаните не смеат да останат рамнодушни пред неправдата. Тој ги повика Црквата, граѓанското општество и државата заедно да работат за доброто на сите.
„Тоа што сум овде со вас ме прави да се чувствувам како дома и ме потсетува на посетите што како мисионер ги правев во различни заедници.“
Со овие зборови папата Лав XIV го започна своето обраќање на средбата со жителите на Касавале, во парохијата „Пресвета Богородица од Гвадалупе“ во Монтевидео, во сабота 11 ноември 20026 година.
Папата рече дека му било голема радост да ја посети парохијата, да помине низ улиците на населбата и одблизу да ги види проектите што биле реализирани со многу труд.
Откако ги слушна сведоштвата на луѓето кои поминале низ различни тешкотии, Светиот Отец зборуваше за потребата да се грижиме едни за други.
„Треба и понатаму да ја живееме љубовта и близината на добриот Самарјанин, кој не остана рамнодушен кога виде човек во неволја, туку ја презеде грижата за него“, рече Папата.
Не можеме да замижуваме или да ја замолчиме нашата совест
„Не можеме да ги затвориме очите пред фактот дека во Уругвај има деца кои се плашат да одат на училиште затоа што не знаат дали безбедно ќе се вратат дома. Не можеме да ја замолчиме совеста кога гледаме мајка која нема доволно средства да ги нахрани своите деца. Не можеме да ги игнорираме луѓето околу нас кои страдаат, се чувствуваат осамено или се ранливи“, нагласи папата Лав.
„Во земја богата со ресурси како оваа, ниту едно дете не треба да легнува гладно, ниту поради несигурноста на улиците да остане без можност за добро образование и достоинствена иднина. А најмалку од сè, децата не смеат да бидат изложени на насилство што може да им го одземе животот.“
Во такви околности, рече Папата, Црквата, граѓанското општество и државата треба да работат заедно. „Треба да излеземе од рамнодушноста и да се залагаме за општото добро“, порача Светиот Отец. Тој додаде дека од нас зависи дали ќе градиме општество во кое никој нема да биде исклучен или ќе останеме затворени во сопствените грижи.
Црквата им се приближува на раните на човештвото
Папата објасни дека мисијата на Црквата произлегува од евангелската љубов, која ја повикува да биде близу до луѓето токму таму каде што страдањето е најголемо.
„Кога Црквата помага, таа го прави тоа по примерот на добриот Самарјанин, со почит и близина. Истовремено, итната помош не може да стане трајна замена за одговорноста што им припаѓа на институциите и на општеството“, рече тој.
Затоа Светиот Отец ги повика сите да ги здружат силите и великодушно да придонесат за изградба на татковина во која луѓето ќе живеат како браќа и сестри.
Потсетувајќи дека параболата за добриот Самарјанин завршува со Исусовите зборови „Оди и ти прави така“ (Лука 10,37), папата Лав нагласи дека секој христијанин треба секојдневно да го слуша овој повик во своето срце.
Во своето обраќање Папата потсети и на проектот преку кој во парохиската заедница биле изградени неколку домови за семејства со ограничени приходи. Тој рече дека му е драго што и самиот можел да придонесе за оваа иницијатива преку добротворители на Папската фондација.
Заблагодарувајќи се за нивната великодушност, папата Лав изрази надеж дека овие куќи ќе бидат многу повеќе од покрив над главата.
„Нека бидат вистински домови во кои вашите семејства ќе можат да растат во достоинство, мир и надеж, чувствувајќи ја Божјата љубов и близина“, рече Папата.
Пресвета Богородица нè повикува да го подигнеме погледот
Папата потсети дека парохијата е посветена на Пресвета Богородица од Гвадалупе, која неговите претходници ја нарекувале „заштитничка на Латинска Америка“ и „Царица на Америка“.
Тој рече дека присуството на небесната Мајка на овој континент нè повикува да не останеме затворени само во проблемите што ги гледаме околу нас, туку да го подигнеме погледот и да ги отвориме срцата кон она што е вечно.
Папата Лав потсети дека Марија нè учи да го правиме она што ни го кажува нејзиниот Син Исус.
Тој додаде дека тоа е и мисијата на секоја парохија, да биде светилник што покажува кон Христос и на луѓето да им ја нуди светлината на Божјото слово, благодатта на светите Тајни, силата на молитвата и утехата на братската љубов.
„Нека ве благослови Бог, а нашата Мајка од Гвадалупе, кон која чувствувам посебна љубов и почит бидејќи токму на нејзиниот празник го примив епископското ракополагање, нека ве чува под својата небесна заштита“, рече папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

