Папата: Во светот на насилство, Христовата љубов е повик за братство

Папата: Во светот на насилство, Христовата љубов е повик за братство

Примајќи ги членови на Меѓународната теолошка комисија, Папата истакна дека во сложениот и поларизиран свет, Божјата љубов во Христос нè повикува да бидеме градители на мирот и правдата и нè поучува на вистинско братство, што е основна етичка задача. Тој поттикна развој на „теологијата на синодалноста“ која ги вклучува сите компоненти на Црквата. Повторно ја изрази својата желба да патува во 2025 година на местото каде што се одржал Никеијскиот собор пред 1700 години.

Повторно ставање на Христос во центарот и развивање на теологијата на синодалноста – ова се двете централни точки на кои се фокусираше папата Фрањо зборувајќи со триесетина членови на Меѓународната теолошка комисија, кои ги прими во аудиенција во четврток, 28 ноември 2024 година.

Комисијата, формирана во 1969 година од папата Павле VI. се собра деновиве на пленарна седница, под претседателство на префектот на Дикастеријата за наука на верата, кардиналот Виктор Мануел Фернандез. На седницата стана збор за Никејскиот собор, кој за време на јубилејот 2025 ќе се одбележи 1700 годишнина. Папата рече дека по тој повод планира да патува во Никеја.

Братството, основна етичка задача

Тој додаде дека овој настан претставува пресвртница на патот на Црквата и на целото човештво бидејќи потврдува дека „во Исус можеме да го видиме лицето на Бога, но истовремено и лицето на човекот“. Тоа значи „братство, вкоренето во Христа, кое станува наша основна етичка задача“.

Нова културна и социјална парадигма вдхановена од Христовата човечност

Затоа, Светиот Отец ја поттикна Меѓународната теолошка комисија да „понуди корисни идеи и размислувања за нова културна и социјална парадигма, вдхановена од Христовата човечност“.

Денес, имено, во сложен и често поларизиран свет, трагично обележан со конфликти и насилство, Божјата љубов, која се открива во Христа и ни е дадена во Духот, станува повик упатен до сите за да научиме да одиме во братство. и да бидеме градители на правдата и мирот. Само така можеме да го шириме семето на надежта таму каде што живееме. Повторно ставање на Христос во центарот значи повторно разгорување на оваа надеж“, рече Папата.

Направете храбар чекор

Вториот поттик, кој Папата го упати до присутните го има како рамка неодамнешното XVI. редовно собрание на Епископската синода посветена на темата синодалност, тема која пред шеесет години ја започна папата Павле VI., а денес, како што нагласи папата Фрањо, е зрела.

„Би рекол дека дојде време да се направи храбар чекор: да се развие теологија на синодалноста, теолошка рефлексија која помага, поттикнува и го следи синодалниот процес, за нова мисионерска етапа, покреативна и похрабра, која е вдахновена од навестувањето и која ги вклучува сите компоненти на Црквата“, рече Светиот Отец.

Заклучи дека таквата теологија, „засновано на Исусовото срце“ и со помош на Светиот Дух, ќе црпи од изворот и ќе вроди со плод во Црквата и светот, без да ја занемари „димензијата на радоста и хуморот“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот