Во своето пладневно обраќање на празникот на Безгрешно зачнување, 8 декември 2024 година, Папата се фокусираше на широко распространетото настојување за поседување и доминација, на гладот за пари, на желбата за „моќни пријатели“, на „лажните светлечки примери“ кои доаѓаат од медиумите и интернетот; нека го препуштат местото на послушаноста на милосрдието на Отецот, како што направи Дева Марија со своето „да“ на архангелот Гаврил. Денес е добар ден да се одлучите за добра исповед, советуваше Папата, потсетувајќи дека Господ простува сѐ.
Марија ја стави својата судбина во добри раце. На ова нè потсетува катехезата на папата Фрањо за време на неговото неделно пладневно обраќање на празникот Безгрешно зачнување, кога се приближува отворањето на светите двери за Јубилејот. Потеклото на оваа скромна и непозната девојка од периферијата станува центар на нова приказна. Колку сме подготвени во ова тешко и мрачно време да постапиме како таа пред архангелот Гаврил? Тоа е централното прашање што го постави Папата во пладневното обраќање.
Желба за доминација или доверба во Божјото милосрдие?
Размислувањето за сцената раскажана на почетокот на Евангелието според Лука – која Папата им препорача на верниците повторно да ја прочитаат – е во согласност со денешното време. Римскиот бискуп постави низа други прашања, загрижен за индивидуализмот и она што произлегува од него:
Во нашето време, вознемирени од војните и фокусирани на стремежот за поседување и доминација, каде ја полагам мојата надеж? Во силата, во парите, во моќните пријатели или во бескрајното Божјо милосрдие? Соочени со бројните лажни блескави модели кои кружат низ медиумите и на Интернет, каде ја барам мојата среќа? Каде е богатството на моето срце? Дали во тоа што Бог ме сака безусловно, што неговата љубов секогаш ми претходи и дека е подготвен да ми прости кога покајан ќе му се вратам? Или се залажувам себеси обидувајќи се да се наметнам себеси и мојата волја по секоја цена?
Во Марија, средбата на човечкото и божественото
Човечкото и божественото се обединува во чудесната деликатност на тој мал збор на Марија. Тоа е благословен момент – рече Папата. Од одговорот на таа жена од Назарет зависела судбината на целото човештво.
Како во приказот за создавањето на Адам насликан од Микеланџело во Сикстинската капела, каде што прстот на небесниот Отец го допира прстот на човекот, така овде се среќаваат човечкото и божественото, на почетокот на нашето откупување, во блажениот момент кога Дева Марија го кажува своето „да“.
Најдете време за убава исповед
На крајот, Папата го спомна попладневниот чин на почит на Марија Безгрешна на шпанскиот плоштад и даде совет. Денеска е добар ден да се одлучите за добра исповед – рече тој и додаде: Отворете му го срцето на Господ бидејќи тој простува сѐ и така ќе бидеме посреќни во рацете на Марија.
Ватикан њуз/к.мк