Папата: Војните немаат смисла, Русија и Украина треба да седнат на маса и да разговараат

Папата: Војните немаат смисла, Русија и Украина треба да седнат на маса и да разговараат

За време на летот од Мец кон Рим, на крајот од четиридневното апостолско патување во Франција, папата Лав XIV разговараше со новинарите за војните, вооружувањето, заштитата на животот, домувањето,

На почетокот од разговорот со околу 80 новинари, Светиот Отец се осврна на посетата на Франција, оценувајќи дека четирите дена биле „исполнети со многу благослови“. Особено го истакна престојот во Лурд, средбите со болните и страдалниците, како и молитвеното бдение со околу 80.000 млади луѓе, чиј ентузијазам и надеж оставиле силен впечаток врз него.

На прашање за неговите ставови за заштитата на животот и за односот меѓу религијата и политиката, Лав XIV рече дека не смета оти Црквата се меша во партиската политика кога зборува за човечкиот живот и достоинството. Тој се повика на Magnifica humanitas и нагласи дека Црквата има задача да го применува Евангелието во конкретниот човечки живот.

Осврнувајќи се на искуството во Лурд, Папата рече дека болните и лицата со попреченост сведочат дека животот има вредност и смисла и во услови на страдање.

„Ако тоа е политика, тогаш сум го направил, но не за да се вмешам во француската политика. Тоа беше за да поучам во што навистина верува Црквата“, рече тој.

Папата беше прашан и за кризата со домувањето и положбата на постарите и ранливите луѓе. По конкретен пример за постара жена која се соочила со губење на својот дом, тој праша како е можно еден систем да дозволи ранлив човек да остане без покрив над главата.

Според него, проблемот со домувањето не може да го реши само една парохија, епархија или Црквата, туку бара долгорочни политички и општествени решенија.

Говорејќи за средбата со жртви на сексуална злоупотреба, Папата нагласи дека Црквата мора да ги слуша и да ги придружува на патот на исцелување. Тој истакна дека злоупотребата е човечки проблем, но кога се случува во Црквата, особено длабоко ја ранува верата и животот на жртвите.

Најголем дел од разговорот беше посветен на војната, вооружувањето и потребата од преговори. Папата предупреди дека повторното спомнување на нуклеарното оружје и огромните издвојувања за вооружување се сериозен знак за светот.

„Мал број луѓе стануваат неизмерно богати од индустрија која ја поттикнува војната. А овие милијарди и милијарди евра или долари би можеле да бидат употребени за решавање на проблеми како гладот, домувањето, невработеноста и други потреби“, рече Лав XIV.

Тој нагласи дека средствата би можеле да се насочат во здравството, образованието и подобрувањето на животот на луѓето, наместо кон постојано зголемување на воените капацитети.

Посебноо се осврна на Русија и Украина.

„Продолжуваме да ги повикуваме водачите на Русија и Украина, како и на другите земји, да дојдат, да седнат на маса, да разговараат и да бараат начини за решавање на проблемите без продолжување на овие војни кои повеќе немаат смисла“, рече Папата.

Тој призна дека Црквата не може да ги принуди политичките водачи да преговараат, но нагласи дека ќе продолжи да повикува на мир и дијалог.

Лав XIV одговори и на прашање за вештачката интелигенција. „Ако ме прашате дали сум во паника, не сум. Спијам ноќе“, рече тој, но предупреди дека ризиците на кои укажуваат експертите мора сериозно да се разгледуваат.

Папата потсети дека во Ватикан е формирана комисија за вештачка интелигенција и дека продолжува дијалогот со експерти од различни области.

„Не можеме да седиме и да се преправаме дека ништо нема да се случи“, нагласи тој.

На прашањето за можна посета на Германија, Папата рече дека има покана и дека се надева на такво патување, но засега нема утврден термин. Како веќе планирано патување го посочи Светскиот ден на младите во Кореја.

Осврнувајќи се на падот на бројот на верници во Германија, Лав XIV потсети дека слични оценки постоеле и за Франција, но неговото патување покажало дека и таму постои голем интерес за верата.

Тој зборуваше и за обидите политичкиот екстремизам да се поврзува со христијанството, нагласувајќи дека автентичното Евангелие не повикува на омраза и поделби.

„Вредностите на Евангелието не се омраза и поделба, туку разбирање, сочувство и придружување“, рече Папата.

На крајот, Светиот Отец им се заблагодари на сите кои учествувале во организацијата на патувањето, на француските епископи, лаиците, соработниците на Светиот Престол и новинарите кои го придружуваа во Франција.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот