Папата: Вистинско богатство се луѓето; без нив нема заедница, нема бизнис, нема економија
Папата Фрањо го прими италијанското национално здружение на градежници по повод 75. годишнината од нивното основање. Луѓето се непроценливи во очите на Бога, но и во очите на вистинскиот претприемач, рече Светиот Отец и повика на етичка, законска и сигурна работа.
Последниот период беше тежок и за градежниот сектор. Во таквите моменти важно е да се потпреме на мотивацијата, на фундаменталните избори, рече Папата, нудејќи им на присутните неколку поуки од Евангелието кои можат да им помогнат во нивната работа и да ги вдахноват во вредностите како што се конкуренцијата и транспарентноста; одговорноста и одржливоста; етиката, законитоста и сигурноста.
Мудар градител
Евангелието сведочи дека Исус во своето проповедање ја користел сликата за градење за да ја пренесе својата порака, како што направи во параболата за двајцата мажи кои граделе куќа – едниот ги поставил темелите на карпа, другиот изградил куќа на песок без темели (Лк 6,4- 49). Покажувајќи ја мудроста на градителите, Исус ги споредува со шарлатаните оние кои градат куќа на песок без темели. Интересна е сликата на мудриот градител кој ги поставува темелите на карпа и човекот не само што правилно постапил во тој момент, туку ја заштитил куќата од можни идни поплави. Додека некој мисли дека тоа никогаш досега не се случило, треба да се биде свесен дека сепак може да се случи. Тоа е она што го гледаме со климатските промени – денес се случуваат работи кои никогаш не се случиле, рече Папата.
Во Исусовото проповедање, верникот е оној кој не се ограничува на тоа да се претставува однадвор како христијанин, туку делува делотворно како христијанин. Ова е она што Папата го нарече „оперативна кохерентност“ која му овозможува на човекот да гради не само во нормални животни околности, туку и во тешки времиња. Тоа значи и дека верата не нè штити од неволји, рече Светиот Отец, но придружувана од добри дела, нè зајакнува и ни овозможува да бидеме издржливи.
Конкуренција и транспарентност
Зборувајќи за поврзаноста на конкуренцијата и транспарентноста, папата Фрањо предупреди дека само конкуренцијата не е доволна и се осврна на утилитарната логика на пазарот со која ривалот може да се потисне до елиминација. Лажна е перцепцијата да се победи другиот или дека туѓиот пораз треба да се земе во предвид економските текови. Кога тоа ќе се случи, социјалното ткиво на доверба што му овозможува на пазарот да функционира правилно е загрозено. Конкуренцијата мора да биде поттик да се работи подобро, а не желба за доминација и исклучување, истакна Светиот Отец.
Затоа транспарентноста во процесот на одлучување и економски избори е од фундаментално значење. Ова овозможува избегнување на нелојална конкуренција, која во полето на економијата и вработувањето често значи губење на работни места, поддршка за работа на ‘црно’ или недоволно платена работа.
Одговорност и одржливост
Друг аспект на работата е одговорноста и одржливоста. Никогаш не сме слушнале толку многу за одржливоста како во ова време, забележа Папата. Таа за доведува во прашање способноста за регенерација на секој екосистем. Во градежниот сектор, неопходно е да се користат материјали кои обезбедуваат сигурност на луѓето. Истовремено, нагласи, мора да избегнуваме експлоатација на животната средина. Секоја компанија може да го понуди својот одговорен придонес за работата да биде одржлива. Одржливоста, продолжи Папата, е поврзана со убавината на просторот и квалитетот на односите. Светиот Отец истакна дека при урбанистичкото планирање е важно да се води сметка за ставовите на локалното население, како што е напишано во енцикликата Laudato si’ (бр. 150). Нека вашата работа им помогне на заедниците да ги зајакнат врските на солидарност, соработка и взаемна помош, поттикна Папата.
Етичка, законска и безбедна работа
На крајот, Папата се повика на вредностите на етичка, законска и безбедна работа. Минатата година имаше многу, премногу смртни случаи на работа, рече Светиот Отец. Ова не се бројки, туку луѓе. На градилиштата се случуваат и трагедии кои не смееме да ги игнорираме. Ако безбедноста на работата се гледа како трошок, предупреди папата Фрањо, тоа е заблуда. Вистинско богатство се луѓето. Без нив нема работна заедница, нема бизнис, нема економија. Безбедноста на работното место значи грижа за човечките ресурси, кои се непроценливи во очите на Бога, но и во очите на вистинскиот претприемач. Затоа, законодавството мора го зачува најголемото „наследство“ – луѓето. Безбедната работа им овозможува на сите да го изразат најдоброто од себе, заработувајќи го својот дневен леб. Колку повеќе го земаме предвид достоинството на работата, толку сме посигурни дека квалитетот и убавината на создаденото дело ќе растат, рече на крајот Папата доверувајќи ја работата на присутните на свети Јосиф.
Ватикан њуз/к.мк