Божиќниот пост има три димензии: минато, иднина и сегашност.
Божиќниот пост кој започна е време на милости за да го очистиме духот и така да помогнеме на растот на својата вера – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 3 декември 2018 година и истакна: Божиќниот пост има три димензии: минато, иднина и сегашност. Поаѓајќи од Евангелието за денешната Литургија (Матеј 8, 5-11) кое зборува за средбата на Исус со стотникот кој молел за помош за својот болен слуга, Папата рече дека и ние денес можеме да се навикнеме на вера заборавајќи на нејзината живост. А кога ќе се навикнеме ја губиме силата и новоста на верата која секогаш нè обновува.
Божиќниот пост ја има димензијата на минатото, односно чистење на сеќавањето – рече Светиот Отец и продолжи: Мислете на тоа дека не се родило божиќното дрво кое сигурно е убав знак, туку Исус Христос, Господ и Спасител Кој дојде за да нè спаси. Секогаш сме во искушение Божиќ да го поистоветуваме. Кога се пропушта тој празник да биде контемплација и семејно славење со Исус во центарот, тогаш тој станува световно славење кое се манифестира во купување на работи, подароци и сè останато, а на Господ се заборава.
Така е и во нашиот живот. Да, се роди во Витлеем, но… Божиќниот пост за тоа служи за чистење на сеќавањето на она време и чистење на надежта и за подготвка за конечната средба со Господ – рече папата Фрањо и додаде: Бидејќи Господ кој дојде таму, ќе се врати и ќе нè праша каков бил нашиот живот. Тоа ќе биде лична средба. Лично можеме да го сретнеме денес во Евхаристијата. Не можеме да Го сретнеме како пред две илјади години, туку се сеќаваме на тоа. Но, кога ќе се врати, ќе го сретнеме лично. Тоа значи да ја очистиме надежта.
На крајот Папата повика сите да ја негуваат секојдневната димензија на верата, и покрај обврските и грижите, нагласувајќи дека треба да бидеме чувари на својата внатрешност. Имено, нашиот Бог е Бог на изненадувањата и христијаните би требало секој ден да ги забележуваат знаците на Отецот Небесен со чија помош ни зборува денес.
Да се чисти будноста е третата димензија. Будност и молитва се два адвентски збора затоа што Господ дојде во Витлеем, но ќе дојде повторно на крајот на светот и на крајот од животот на секој од нас. Меѓутоа Он секој ден и во секој момент доаѓа во нашето срце со вдахновенијата од Светиот Дух – заврши Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк