Зборувајќи пред вработените во Ватиканскиот апостолски архив и Ватиканската апостолска библиотека, папата Лав XIV ја истакна важноста на мисијата на овие две институции во служба на Црквата и светот.
За време на посетата на историскиот Ватикански апостолски архив и Ватиканската апостолска библиотека во понеделник 14 септември 2026 година, папата Лав XIV ја отвори изложбата „AQVA. Катастрофа и чудо“.
Обраќајќи им се на вработените во Библиотеката и Архивот, Папата истакна дека ова е неговата прва посета на Библиотеката како понтиф, „следејќи ги стапките“ на своите претходници.
Тој ја изрази својата близина и благодарност за мисијата и работата на двете институции, кои ги опиша како места „во служба на развојот и ширењето на културата, во корист на Црквата и на целото човештво“.
Ватиканскиот апостолски архив и Ватиканската апостолска библиотека работат на зачувување и одржување на „актите и документите што се однесуваат на управувањето на универзалната Црква“, според апостолскиот устав Praedicate Evangelium. Тие, исто така, собираат и чуваат големо наследство на уметност и знаење, ставајќи го на располагање на научниците.
Во потрага по вистината
Иако библиотеката често се замислува како мирно и тивко место, папата Лав XIV истакна дека книгата може и да „разбуди немир“, хранејќи ја желбата и храброста за истражување.
Свети Августин е пример за таква динамика. Преку читањето на посланијата на свети Павле, сомнежите на епископот од Хипон исчезнале.
„Но не исчезнала желбата, која станала уште посилна, поттикнувајќи го да ја истражува ширината и длабочината на Светото Писмо“, објасни Папата. Преку проучувањето на библиските книги, духот на свети Августин се отворил.
На ист начин, преку проучување, зачувување и ставање на располагање на книгите на наследникот на Петар, рече папата Лав XIV, „вие им помагате на Црквата и човештвото да ги достигнат длабочините на копнежот. Без тоа, сè се оддалечува од живиот Бог, изворот на вистината и љубовта“.
Срце што чука
Потоа Папата постави прашање: како може да се опише папската библиотека?
Користејќи метафора, папата Лав XIV ја нарече Апостолската библиотека срце.
„Срцето што чука е симбол на животот и е резултат на две спротивставени движења, систола и дијастола: собирање и ширење, движење кон центарот и движење кон периферијата“, објасни тој.
Папската библиотека останува жива сè додека ги одржува своите систоли и дијастоли. Систолата на Апостолската библиотека се гледа во тоа што таа продолжува да биде место обележано со тишина, дискреција, почит и грижа.
Папата Лав XIV изрази желба „монашката атмосфера на Апостолската библиотека“ да потсетува на еден евангелски совет: ако треба да градиш или да се бориш, најнапред седни и размисли.
Внатрешниот живот на Апостолската библиотека произлегува и од нејзиното единствено и непроценливо богатство што се чува во неа.
„Од една страна, правилно е да се олесни пристапот до ова богатство за проучување, вклучително и преку дигитализација и онлајн пристап“, рече Папата. „Од друга страна, потребно е да се зачува и да се поттикнува древната практика на физичко доаѓање во Библиотеката.“
Таа, нагласи Папата, не е само место полно со книги, туку место изградено преку односи, размена и споделување идеи.
Поотворени кон светот
Продолжувајќи ја метафората, Папата рече дека Апостолската библиотека ја живее и својата дијастола, односно отворањето кон светот.
Во просторијата посветена на неговиот претходник, папата Лав XIV се потсети на улогата на папата Лав XIII во времето на Индустриската револуција. Тоа вклучувало отворање на Ватиканските архиви за научници од целиот свет и овозможување поширок пристап до Библиотеката.
Читалницата содржи дела од литературата, теологијата, ботаниката, зоологијата, медицината, правото, уметноста, економијата и многу други области. Во Библиотеката се чуваат дела од целиот свет.
Сето тоа, истакна папата Лав XIV, се случило уште пред таквиот пристап да стане општо прифатена практика.
„Преку овој пристап, Апостолската библиотека сведочи за древната и секогаш нова културна отвореност на Црквата“, рече тој.
Отворањето на актуелниот циклус изложби е уште една потврда на оваа традиција. Друг пример за таа културна отвореност, рече Папата, е „нежната дипломатија“ што наоѓа отворен пат меѓу документите и книгите на Ватиканскиот архив и Библиотеката, како еден од „отворените патишта кон помирување“ за кои зборува енцикликата Magnifica humanitas.
Папата ги повика вработените во Ватиканскиот архив и Библиотеката да продолжат по тој пат. Ги охрабри да бидат верни и на минатото и на иднината, да ги користат јазиците и средствата соодветни за нивната работа и да пронаоѓаат нови патишта запомирување.
На крајот, папата Лав XIV се осврна и на еден конкретен предизвик со кој денес се соочуваат Ватиканскиот архив и Библиотеката: потребата од нов простор. Тој соопшти дека дал упатства за да се помогне во исполнување на оваа потреба.
„Имам намера да продолжам по патот што го трасираа моите претходници, кои низ вековите ја покажаа грижата што Апостолскиот Престол ја има за институциите на кои им е доверено зачувувањето и унапредувањето на неговото културно и административно сеќавање“, нагласи Папата.
Ватикан њуз/к.мк

