Израел, а особено Ерусалим, бележи нагло зголемување на случаи на агресија, навреди и напади врз христијани, се наведува во новиот извештај на Центарот за податоци за верска слобода, објавен на 6 јули 2026 година.
Според извештајот, во вториот квартал од 2026 година бројот на регистрирани прекршувања насочени против христијаните речиси се удвоил, од 44 на 83 случаи. Само во 2025 година организацијата документирала 181 напад низ Израел, од кои 150 се случиле во областа на Ерусалим.
Христијаните сè почесто се цел на плукање, вербални навреди, закани и различни форми на заплашување. Активистите за човекови права предупредуваат дека нападите често се случуваат отворено, на јавни места, при што сторителите речиси и не се обидуваат да ги сокријат своите постапки.
Меѓу конкретните случаи се наведува и бруталниот напад врз француска монахиња во близина на Стариот град во Ерусалим, при што таа се здобила со повреда на главата.
Авторите на извештајот сметаат дека зголемувањето на насилството е поврзано и со ширењето говор на омраза и дезинформации на интернет.
Повеќе од половина од евидентираните инциденти вклучувале демонстративно плукање кон христијански верници, практика што во последните години сè почесто се пријавува како форма на верско непријателство. Најголемиот дел од нападите се случиле во Ерусалим, а значителен број од нив во Стариот град.
Состојбата е особено загрижувачка за време на големите еврејски празници. За време на Денот на Ерусалим, кога националистички израелски групи ја одржуваат традиционалната поворка со знамиња, биле регистрирани осум инциденти. За време на празникот Шавуот, активистите за човекови права документирале седум напади само во еден ден.
Извештајот вклучува и случаи на агресија извршени од израелски граѓани надвор од земјата, меѓу кои уништување статуа на Исус Христос и сквернавење статуа на Дева Марија од страна на израелски војници во јужен Либан.
Во јуни, латинскиот патријарх на Ерусалим, кардинал Пјербатиста Пицабала, предупреди на влошувањето на состојбата на христијаните и изрази сериозна загриженост поради зачестените напади врз верниците.
Во обид да се спречи овој загрижувачки тренд, Центарот за податоци за верска слобода понудил соработка со израелската воена команда. Веќе е подготвен посебен информативен материјал за туристичките водичи што придружуваат групи војници во Ерусалим, во кој се претставени историјата и значењето на христијанските свети места.
Активистите за човекови права ги повикуваат и општинските власти во Ерусалим да го направат христијанското присуство повидливо во јавниот живот. Според нив, официјални честитки за христијанските празници, информативни табли и јавни иницијативи би можеле да придонесат за намалување на тензиите.
Организацијата предупредува дека занемарувањето на христијанската заедница во официјалниот јавен простор создава средина во која полесно се појавуваат верска нетолеранција и агресија.
Ватикан њуз/к.мк

