Молитвена накана на епископот Стојанов за месец мај 2026 година

Молитвена накана на епископот Стојанов за месец мај 2026 година

Во месечната молитвена накана на епископот Стојанов за мај 2026 година, повикува на молитва за парохиските заедници, парохјаните и целиот верен народ да станат храбри навестители на Радосната вест за Воскреснатиот Христос. Ја пренесуваме во целост.

Во месецот мај, посветен на Пресвета Богородица, ве повикувам да молиме за нашите парохиски заедници, за парохјаните и за целиот верен народ. Со доверба во нејзиното мајчинско застапништво, да се соединиме во еднодушна молитва, по примерот на првата Црква, која заедно со Марија, Мајката Исусова, го очекуваше дарот на Светиот Дух (сп. Дела 1,14).

Просветлени и укрепени со „силата одозгора“ (сп. Лука 24,49), нашите парохиски заедници нека станат храбри навестители на Радосната вест за Воскреснатиот Христос, подготвени да излезат кон егзистенцијалните периферии, особено кон оние што копнеат по смисла, надеж и полнота на радоста.

Така, нашите парохии нека бидат отворен дом за прифаќање, слушање и придружување, место каде што секој човек може да ја почувствува близината на Црквата и милосрдното лице на Христос. Како што потсетува папата Фрањо во Evangelii Gaudium, парохијата е „Црква што живее меѓу домовите на своите синови и ќерки“ и „светилиште каде што жедните доаѓаат да пијат на својот пат“ (бр. 28).

Пресвета Богородице, Мајко на Црквата, води ги нашите парохии кон својот Син и наш Господ Исус Христос. Во нашето секојдневие нека одекнува твојот повик од Кана Галилејска: „Сè што ќе ви рече, направете!“ (Иван 2,5), за нашите заедници да бидат сведоци на радоста на Воскреснатиот Христос и таа радост да ја пренесуваат на сите што копнеат по Божја близина. Амин.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот