Млади луѓе од целиот Медитеран од 10 до 14 август учествуваат во јужна Италија на единаесеттото издание на „Carta di Leuca“, меѓународна иницијатива за промовирање дијалог, братство и мир.
Јужниот италијански регион Пуља е домаќин на петдневни средби, молитва и размислување посветени на мирот во Медитеранот.
Од 10 до 14 август, млади луѓе од различни култури и религии се собираат во Санта Марија ди Леука, на бреговите на Медитеранот, на единаесеттото издание на „Carta di Leuca“. Темата на овогодишната средба е: „Медитеран на мирот за свет во мир: убавина, уметност и мир“.
Основан во 2016 година, овој годишен собир има за цел да ги обедини младите од различните брегови на Медитеранот и да помогне во создавањето конкретни заложби за мир.
Меѓу учесниците оваа година се млади од Кипар и Ерусалим, заедно со млади Италијанци вклучени во Каритас и во други партнерски организации. Собирот е отворен за млади на возраст од 18 до 35 години.
Лекување на ранетите врски
Овогодишната програма е инспирирана од пасторалното писмо на кардиналот Пјербатиста Пицабала: „Тие се вратија во Ерусалим со голема радост“.
Во текот на првите три дена од настанот, волонтерите ќе учествуваат на работилници посветени на ранетите врски, богатството на различностите, важноста на прифаќањето на другиот, лекувањето на спомените и градењето надеж.
Учесниците ќе се сретнат и со локалните заедници, а ќе ги поминат и последните километри од Виа Франчигена, одејќи кон светилиштето „Санта Марија де Финибус Терае“, кое традиционално се смета за место на средба меѓу Истокот и Западот.
Размислувањата и дискусиите што ќе се одвиваат за време на собирот ќе придонесат за изработка на „Carta di Leuca 2026“, која ќе биде потпишана на крајот од средбата.
Иницијативата ги следи духовните стапки на преподобниот дон Тонино Бело, поранешен епископ на Молфета-Руво-Џовинацо-Терлици, кој во средиштето на својата служба ги стави мирот, ненасилството и солидарноста со сиромашните.
Кардиналот Пицабала ќе се сретне со учесниците
Кардиналот Пјербатиста Пицабала, латински патријарх на Ерусалим, треба да пристигне во регионот на 13 август.
Тој ќе ја посети болницата „Кардинал Панико“ и хоспицијата „Каса ди Бетанија“ во Триказе, каде што ќе служи света Литургија.
Подоцна ќе им се придружи на учесниците кога ќе пристигнат во базиликата „Санта Марија де Финибус Терае“.
Потоа латинскиот патријарх ќе отпатува во Алесано, за да се помоли на гробот на дон Тонино Бело.
Во ноќта меѓу 13 и 14 август, учесниците ќе одржат молитвено бдение на истиот гроб, пред да тргнат на хохочестие кон светилиштето во Леука.
Новата „Carta di Leuca“ ќе биде објавена во 7:00 часот наутро на 14 август, а кардиналот Пицабала ќе претседава со завршната света Литургјиа на плоштадот пред базиликата.
Ватикан њуз/к.мк

