Една година по упокојувањето на папата Фрањо, надбискупот Луиџи Траваљино ја предводеше светата Литургија во капелата на Домот Света Марта, поранешната резиденција на покојниот Папа.
„Сега не е време да се задржуваме на текот на неговиот секојдневен живот, составен од работа, средби и молитва во малата капела на вториот кат. Сигурен сум дека папата Фрањо ја засака оваа куќа, а и ние го засакавме него. Таков останува духот на нашата молитва во оваа прва година од неговото упокојување. Сè уште го чувствуваме близок до нас.“
Со овие зборови кардиналот Анџело Ачерби, во проповедта што ја прочита надбискупот Луиџи Траваљино, ја изрази духовната близина со папата фрањо за време на светата Литургија во Домот Света Марта, служена по повод првата годишнина од неговото упокојување.
Во текстот на проповедта, кардиналот Ачерби потсети дека, и покрај физичките тешкотии, папата Фрањо ја зачувал својата силна внатрешна енергија и апостолска ревност како Петров наследник.
„Сакам само да се потсетам на апостолската храброст со која ги живееше годините на својот понтификат, дури и тогаш кога, и покрај своите физички ограничувања, сакаше да ја исполнува својата апостолска мисија до најоддалечените краишта на земјата.“
Надбискупот Траваљино потоа ги повика присутните со мислите да се упатат и кон базиликата „Света Марија Велика“, каде што папата Фрањо посака да биде погребан, во близина на капелата на Марија Salus Populi Romani, пред која се молеше пред и по секое свое апостолско патување и која, како што рече, сигурно го пречекала и на крајот од неговиот земен живот.
Во базиликата „Света Марија Велика“, во 17 часот ќе се моли Бројаница, по што ќе следи света Литургија за покој на неговата душа, која ќе ја предводи кардиналот Џовани Батиста Ре, декан на Кардиналскиот колегиум.
Ватикан њуз/к.мк

