Комисија Петроки: Нема основа за жени ѓакони

Комисија Петроки: Нема основа за жени ѓакони

Нов извештај подготвен од комисија предводена од кардиналот Џузепе Петроки заклучи дека нема услови за прием на жени во ѓаконството како степен до свештенство. Сепак, не е формулирана конечната одлука. Документот му беше презентиран на папата Лав XIV и објавен на негово барање.

Ватикан објави извештај од седум страници во кој се сумира работата на втората Комисија „Петроки“, задолжена да ја проучи можноста жените да бидат ракоположени за ѓакони. Извештајот засега ја исклучува таквата можност, потпирајќи се на Светото Писмо, Преданието и учењето на Црквата, но нагласува дека не може да се формулира „дефинитивен“ став – став што го одразува овој пристап кон прашањето за свештенството.

Главниот заклучок на комисијата

Комисијата заклучи дека „состојбата на историските и теолошките истражувања“ не ѝ дозволува на Црквата да направи чекор за прием на жените во ѓаконството како степен за свештенството. Според извештајот, овој став е силно поткрепен од традицијата и теологијата, но не достигнува точка каде што прашањето може дефинитивно да се затвори.

Во документот се потсетува дека папата Фрањо ја задолжил комисијата да ги проучи можностите за жени ѓакони, а нејзината работа завршила во февруари, а резултатите му биле доставени на папата Лав XIV на 18 септември.

Историски и теолошки аспекти

Веќе во првата фаза од својата работа во 2021 година, комисијата утврди дека во различни епохи и региони Црквата го користела терминот „ѓакониса“, но со различни значења и без унифицирана теолошка содржина. Во исто време, теолошката дискусија ја доведе во прашање можната врска помеѓу таквата форма на ракополагање и католичкото учење за Светите Редови.

На обете работни сесии, мнозинството членови ја поддржаа тезата дека создавањето нови служби за лаиците — достапни и за мажите и за жените — би било позитивна насока за развој.

Гласови и позиции

За време на втората работна седница во јули 2022 година, комисијата со 7 гласа „за“ и 1 „против“ го усвои заклучокот дека женското ѓаконство како степен за свештенството е некомпатибилно со сегашното теолошко разбирање. Но, повторно се нагласува: не може да се донесе конечна одлука.

На својата последна седница во февруари 2025 година, комисијата ги анализираше мислењата испратени по Синодата. Иако поднесените текстови беа бројни, тие доаѓаа само од 22 групи и поединци, што не им дозволува да се сметаат за „глас на Синодата“ или на Божјиот народ како целина.

Аргументите за и против

Извештајот концизно ги презентира главните теолошки ставови што ги истакнуваат двете спротивставени линии на размислување. Поддржувачите на можноста за женски ѓаконат нагласуваат дека исклучувањето на жените од ракоположената служба создава тензија со библиската идеја за еднаквост на мажите и жените како носители на Божјиот лик. Тие исто така потсетуваат на постоењето на ѓакониси во одредени периоди од црковната историја, иако со различни функции, како и на општествените промени што упорно го поставуваат прашањето за пошироко учество на жените во сите сфери на јавниот и црковниот живот. Често се цитира и стихот од Посланието до Галатјаните, кој прогласува единство во Христа, без оглед на етничките, социјалните или половите разлики.

Од друга страна стојат теолози и експерти кои нагласуваат дека машкоста на Христос – а со тоа и машкоста на ракоположениот свештеник – е составен дел од таинството и има длабоко симболично значење. Според нив, промената би го разбила единството на Светиот ред, кој ги вклучува ѓаконството, презвитеријатот и епископатот, бидејќи приемот на жените во прв степен би го покренал прашањето зошто тие остануваат исклучени од другите. Некои, исто така, гледаат ризик од нарушување на брачната смисла на Литургијата, во која свештеникот го претставува Христос, Младоженецот на Црквата.

Овој последен теолошки аргумент беше особено контроверзен: пасусот со кој беше формулиран беше ставен на гласање и доби еднаков број гласови „за“ и „против“, јасно демонстрирајќи ја длабоката поделба во самата комисија.

Препораки за иднината

Со мнозинство од 9 наспроти 1, комисијата препорача проширување на службите отворени за жени за да се обезбеди пошироко признавање на нивната служба од страна на Црквата. Ова би бил „пророчки знак“, особено во општествата каде што жените сè уште се жртви на дискриминација.

Кардиналот Петроки нагласува дека дебатата е обележана со „интензивна дијалектика“ меѓу двете теолошки струи и повикува на темелно испитување на самиот ѓаконат – неговиот идентитет, мисија и место во Црквата. Уште повеќе што во некои региони ѓаконатот е речиси непознат, а во други неговите функции често се преклопуваат со оние на лаичките служби.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот