Кардинал Пизабала, говорејќи на најголемиот собир на италијанските католици во Римини, рече: „Ние сме во одлучувачки момент со преговорите“.
„Војната ќе заврши и се надевам дека нешто може да се реши со преговори. Имам сомнежи, но ова е последниот воз“, рече тој. Тој додаде дека можно е и влошување на ситуацијата: „Ова е судбоносен момент и затоа ни останува само молитвата“.
Последиците од војната, која започна на 7 октомври минатата година со нападот на Хамас врз Израел, се без преседан, нагласи патријархот, додавајќи дека тоа се однесува и на израелскиот и на палестинскиот народ. „Омразата, гневот, чувствата на одмазда, недовербата и длабоката неспособност взаемно да си го признаат правото на постоење“ се посилни сега од кога било досега, тврди тој.
Верските водачи имаат посебна одговорност во оваа ситуација, продолжи кардиналот Пизабала. Во овој момент, пак, дијалогот меѓу верските заедници е во длабока криза. Засега, верските водачи не можат јавно да разговараат меѓу себе, објасни тој.
Малото христијанско малцинство во Светата Земја, на политичко ниво, мора да се признае, е речиси ирелевантно, потсети кардиналот, додавајќи дека е сè уште важен самиот факт што е таму. Тој посочи дека војната, исто така, претставува силен внатрешен товар за Католичката црква во Светата Земја. Има католици кои се борат како израелски војници, а има други кои живеат во Газа под израелски ракетен оган, објасни тој.
Во говорот кој често беше прекинуван со аплауз, кардиналот Пизабала остро го осуди подемот на антисемитизмот. Антисемитизмот е „драма“, рече тој, истакнувајќи дека верските водачи имаат посебна одговорност да се спротивстават на мислење кое го исклучува другиот и му го скратува правото на опстанок. Таквото мислење е „момент на длабока цивилизациска декаденција“, заклучи тој.
Кардиналот Пизабала, кој доаѓа од северот на Италија, како латински патријарх на Ерусалим, е највисок претставник на Католичката црква во Светата Земја.
Од 1980 година, секоја година во август во Римини се одржува средба на католиците.
Ватикан њуз/к.мк