Државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, пред новинарите ја изрази својата надеж за брзо закрепнување на Папата по операцијата, нагласувајќи дека сите го придружуваат папата Лав XIV со молитва и љубов.
Утрото пред папата Лав XIV да биде примен во римската болница „Џемели“ на операција за отстранување на локализиран јазол на белите дробови, државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, ја изрази својата близина со Папата и ја истакна смиреноста на Светиот Отец.
Тој разговараше со новинарите, кои го прашаа за здравствената состојба на папата Лав, на маргините на конференцијата на Папскиот грегоријански универзитет насловена „Иван Павле I: Iustitia et Pax: Зачувување и унапредување на мирот во овој немирен свет“, организирана од Ватиканската фондација „Иван Павле I“, чиј претседател е кардиналот.
„Сите бевме восхитени од неговата смиреност“, рече кардиналот, осврнувајќи се на спокојството со кое Папата ја соопшти веста за претстојната операција по неделната молитва „Ангел Господов“.
„Се надеваме, како што и самиот рече, дека сме навистина на самиот почеток од оваа тешкотија и дека проблемот ќе може да се реши што е можно побрзо. Имаме доверба“, рече тој. „Секако, сите го придружуваме со нашите молитви и наклонетост.“
Голема смиреност
Државниот секретар на Светиот Престол објасни дека разговарал со папата Лав во понеделникот попладне.
„Разговаравме многу смирено. Светиот Отец навистина е голем пример во тој поглед“, рече тој.
„Загрижен сум“, призна кардиналот Паролин, „бидејќи навистина не очекував да се случи нешто вакво“. Сепак, тој нагласи дека станува збор за состојба „која, фала Му на Бога, беше веднаш откриена“ и затоа може да се реши „што е можно побрзо“.
„Вообичаено, кога ваквите работи се откриваат навреме, можат да се решат“, додаде тој.
Божјите изненадувања
Кардиналот се осврна и на големиот бран на наклонетост и поддршка што пристигнува од луѓе ширум светот.
„Тоа покажува колку папата Лав е сакан, ценет и следен од сите“, рече тој, охрабрувајќи ги луѓето да продолжат да ја изразуваат својата близина со Папата додека тој е подложен на медицинската процедура.
„Дали ова беше гром од ведро небо?“, праша еден новинар.
„Да, секако“, одговори кардиналот Паролин, „бидејќи никој не го очекуваше тоа. Но ова се, како што рече Папата, Божји изненадувања.“
Блискоста на кардиналот Кикучи
Во понеделникот, кардиналот Исао Кикучи, надбискуп на Токио, објави порака на Фејсбук по својата приватна средба со Светиот Отец.
Тој објасни дека во 9:30 часот наутро имал аудиенција кај Светиот Отец заедно со генералниот секретар на Каритас Интернационалис. Кардиналот рече дека имал и приватен разговор со Светиот Отец пред заедничката аудиенција.
„Иако ме увери дека станува збор за мала операција и дека не чувствува никакви здравствени тешкотии, рече дека одлучил да биде опериран што е можно поскоро за да не мора да го менува планот за својата посета на Латинска Америка“, заклучи кардиналот Кикучи. „Мораме да го имаме Светиот Отец во нашите молитви.“
Ватикан њуз/к.мк

